Се поголем број на млади луѓе во Македонија се одлучуваат наместо општествени или природни, да ја изучуваат сајбер сферата. Податоците од Факултетот за информатички науки од година во година покажуваат раст на бројот на запишани студенти. Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски вели свесен е дека компјутерските науки се развиваат со забрзан чекор. Токму и поради тоа, според него, голем дел од студентите веќе работат за време на студиите.
„Голем дел од нив го напуштаат факултетот во моментот кога ќе се стекнат со доволно ниво на знаење за да можат да се вработат во индустријата. Тоа што ние го изучуваме во овие пет години можеби и дел ќе застари додека завршат, но дава добра основа за да бидат способни да го надградуваат своето знаење“-Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ
Дел од студентите пак, велат дека се одлучиле да студираат пред се, поради можностите кои оваа професија може да им ги отвори. Но, велат дека иако програмирањето е популарно, сепак бара големи жртви и постојано усовршување.
„Моментално сум на лабараториски вежби по објектно ориентирано програмирање. Имам одредено време за да решам три задачи преку кои ми го тестираат знаењето од минатите неколу часа“. – Васил Панчевски, студент на ФИНКИ
„Има многу логика и математика. Треба многу време да се одвои за да се учи материјалот, поради тоа што не е само теоријата, туку е и практичниот дел“-Никола Николовски, студент на ФИНКИ
Информатичарите и програмерите во Македонија според податоците на државниот завод за статистика, земаат највисока нето плата, која во ноември минатата година изнесувала 84 илјади денари.