Колку заработуваат келнерите, шанкерите и готвачите од Македонија кои заминуваат на сезонска работа во Хрватска?

август 12, 2023

Во рестораните и во кафулињата во Ровињ и во околните приморски места претежно работат угостители од Србија, Босна и Херцеговина, но и од Македонија.

Бројот на работници од Македонија во Истра се зголемува од сезона во сезона, а оние коишто еднаш биле на печалба во Хрватска најчесто се задоволни од заработката и обично се враќаат следната сезона за да работат на истото работно место.

Денар разговараше со Љупчо Георгиевски, готвач од скопската населба Ѓорче Петров, кој секоја година заминува на сезонска работа во еден од ровињските ресторани.

Тој е искусен готвач кој многу добро ги познава приликите во истарското угостителство, бидејќи пред доаѓањето во Ровињ работел неколку години во Пула, а претходно неколку години поминал и во Дубровник.

– За време на летната сезона, во рестораните во Пула не работи ниту еден Хрват, а вработени се над 40 лица во еден ресторан. Обично само сопствениците на локалот се Хрвати, а сите останати се печалбари од Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Ретко кој Хрват останува дома да се занимава со туризам и угостителство, па најчесто во текот на летото Хрватите заминуваат на сезонска работа во Ирска, Германија, Австрија – ни раскажува Георгиевски.

Како што посочи тој, сопствениците на ресторани во Истра за плата на самостојните готвачи издвојуваат од 1.800 до 2.500 евра месечно, додека шефовите на кујна заработуваат од 3.000 евра па нагоре.

Помошниците во кујна обично заработуваат од 1.200 до 1.300 евра, додека оние што ја сервираат храната по масите добиваат плата од 800 до 900 евра, плус бакшиш кој во просек изнесува околу 600 евра месечно. Келнерите обично имаат плата од 1.000 до 1.500 евра, но кога ќе се пресмета и бакшишот тие можат да заработат и до 3.000 евра месечно. Ако ресторанот е навистина добар и ако се наоѓа на добро место, тогаш келнерите можат да заработат и до 4.000 евра во еден месец.

Шанкерите се платени од 1.300 до 1.400 евра, ама обично земаат околу 2.000 евра кога ќе го вклучите бакшишот – објаснува нашиот соговорник, потенцирајќи дека сите вработени се пријавени, но дека не ја добиваат цела плата на сметка.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ