Јасмина Митевска, новоименуван директор на Детската градинка „Виножито“ – Струмица, преку јавна порака се обрати до вработените, родителите и пошироката заедница, истакнувајќи дека со голема чест и одговорност ја започнува својата нова улога.
Таа нагласи дека функцијата ја прифаќа не само како лидер и менаџер, туку пред сè како човек кој ќе биде достапен, присутен и посветен на децата, вработените и родителите, како и на целокупната општествена средина.
Во своето обраќање, Митевска истакна дека верува во заедничката сила и потенцијал за создавање потопла, посигурна и поттикнувачка средина, во која децата ќе можат да растат, учат и се развиваат со љубов и грижа.
Таа упати благодарност до вработените во Детската градинка „Виножито“ – Струмица за топлиот прием, вниманието и гестот на добредојде, потенцирајќи дека токму тимскиот дух и меѓусебната поддршка се клучни за успехот на установата.
На крајот, директорката порача дека ќе продолжат заедно да работат посветено, одговорно и со јасна визија, со цел создавање подобро утре за децата.
























