ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК К. ЌУЛАВКОВА: ТРАНСРОДОВАТА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА Е ОПАСНА ОБРАЗОВНА ПОЛИТИКА!

октомври 25, 2023

ИЗВОР НА ИНТЕРВЈУТО: КОАЛИЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА

Редакцијата: Живееме во сензитивно време, кога објективната реалност не само што се занемарува, туку и комплетно се негира, а со секој наш збор и лично мислење ризикуваме да навредиме или повредиме нечии чувства. Во моментот кога во едно општество субјективните чувства се ставени на пиедестал, а вистината се гази во подножјето на нозете, најголема штета доживуваат слободата и науката, кои – нема да биде премногу ако речам – се тесно поврзани, а верувам и се од суштинско значење за еден научник и академик. Неодамна Вие бевте мета на обвинувања и омаловажувања кои дојдоа од една група на луѓе, коишто оксиморонски се претставуваат како борци за човекови права и социјална правда. Меѓутоа, од она што го гледаме, тие „човекови права“ се однесуваат и важат само за оние поединци кои ги делат мислењата на овие т.н. „борци за права“. Воук (woke) идеологијата на „разбудените“ за „социјална правда“, вклучувајќи ја тука и родовата идеологија, како и последиците од сето тоа што доаѓа заедно во пакет – цензура на мислата и говорот, ограничување на верската слобода, одземање на правата на одредени големи групи на граѓани – ако не на речиси сите – за сметка на воздигање и глорифицирање на одредена небројна група, насилно менување на општествените норми, менување на говорот и научните вистини имаат свои деструктивни последици. Корозивноста на ваквиот однос по општеството е веќе евидентна, па затоа сметам дека отворен дијалог за значењето на слободата на мислата и слободата на говорот и изразувањето е повеќе од кога било потребен, со цел изнаоѓање на механизми за спречување на продлабочувањето на јамата во која сме навлезени.

Во тој контекст, најпрво Ве молам, кажете ми што претставува за Вас слободата на мисла и говор и колку се битни и каква улога играат истите за еден научник и академик? Односно, какви импликации има цензурата врз науката и научната мисла и зошто важи тоа дека никој нема ексклузивно право да ја држи вистината во заложништво?

Академик Ќулавкова: Според дефиницијата на говорот на омраза (hate speech)[1] дадена во Стратегијата на ОН и Планот за акција против говорот на омраза (UN Strategy and Plan of Action on Hate Speech), говорот на омраза се однесува на сите т.н. идентитетски фактори, наследени и вродени и стекнати карактеристики на поединци, групи и заедници. Опасно е кога говорот на омраза ќе прерасне во дискриминација, а дискриминацијата е поткрепена од социополитички чинители, со законски мерки, санкции, табуа, и сл.

Со воведувањето на родот како битен идентитетски фактор всушност покрај реалните обележја се додава и едно имагинарно, фиктивно или замислено обележје на идентитетот на поединци и групи. Субјективната перцепција и автоперцепција добива важност на објективен факт и фактор. Фикцијата се претвора во факција, замислените состојби во фактичка стварност. Ваквата идеологија и филозофија на реалноста е опасна, а не само индикативна за одредени развојни политики. Опасна, затоа што замислената конструкција може да биде тенденциозно, со предумисла создадена, затоа што допушта манипулација и лажна аргументација, академска софистицираност и ненаучна заснованост… Така таа, со тек на време, со помош на глобалната политичка поддршка станува развоен приоритет, стратешки интерес, па се надредува над вистинската, природна, физичка и социјална реалност.

Значи, овој пристап кој ја воведе категоријата род/родови како социополитички конструирана категорија и реалитет, доведе до повеќе сериозни последици. Посебно е важно тоа што преку врвни глобални политички стратегии се ревидираат некои усвоени научни вистини и категории за тоа што е објективна стварност и кои се граничните точки меѓу здравиот и патогениот разум (менталната, емоционалната, социјалната, физичката, духовната и креативната перцепција).

***

Редакцијата: Вие бевте еден од говорниците на собирот што го организираше МПЦ на 29 јуни годинава против предлог-Законот за родова еднаквост и предлог измените на Законот за матична евиденција. Она што го видовме во медиумите е прикривање на вистината и обид за дефокусирање на народот, и покрај тоа што од сите гостувања и интервјуа, и на Министерот за труд и социјална политика и на родовите активисти, е јасно дека кога се зборува за „родовата еднаквост“, всушност станува збор за бришење на значењето на полот и легализирање на безброј родови. Што Ве мотивираше и Вие да земете учество на тој собир и зошто сметате дека воведување на една ваква идеологија во легални рамки претставува сериозен проблем и загрозување на слободата на граѓаните, особено на слободата на жените и децата?

Академик Ќулавкова: Она што со милениуми се сметало за нормално постепено се маргинализира, па не само што е имплицитен предмет на омраза, се претвора во предмет на дискриминација. Конечно, и за жал, денес брутално се бришат границите меѓу нормалното, абнормалното и патолошкото, заправо се прави рокада на вредностите, ревизија на критериумите за човечки вредности и права.

Инаку, пристапот на исклучивост и биполарност е штетен. Светот, а не само поединци, станува биполарен, ментално и психички оптоварен, нестабилен, анксиозен, агресивен… Не пречат појавите, туку радикалниот пристап кон нив, екстремизмот, исклучивоста. Парадоксот е што токму тие општества и држави кои не беа толерантни спрема хомосексуалноста, денес не се толерантни спрема хомофобијата. Нивната исклучивост ја повредува слободата на изразот (не само на говорот во лингвистичка смисла). Тие посегаат по методологија на санкции, што значи не допуштаат дијалог, конфронтација на аргументи, паралелни светогледи, мултиполарност. Тоа е така затоа што зад секој доминантен морален кодекс, каква што е трансродовата идеологија, стојат државни и меѓународни инстанци, таа има медиумска, образовна, политичка и финансиска поткрепа.

Тука доаѓаме до феноменот на дискриминација, која според ОН е посериозен и позагрижувачки од самиот „говор на омраза“. Прашањето кое тука се поставува е следното: Дали законот за заштита и промоција на транс/родовите идентитети (немаат конечен број, веќе е над 100) е заснован врз дискриминаторски принцип? Имено, дали државата треба да биде толку заштитнички настроена, пристрасна и ефикасна спрема малубројната трансродова група лица (и во идеолошка, и во финансиска, и во медицинска, и во образовна и културна смисла), а се однесува рамнодушно спрема многу ранливи и не така малубројни групи какви што се, на пр. луѓето со инвалидитет, слепите, лицата со Даунов синдром, лицата со аутизам, болните од рак, болните од дијабет и др.? Мислам дека на ова прашање кое не е реторичко, неопходен е официјален одговор, кој ќе најави еден поинаков, помалку дискриминирачки однос спрема т.н. маргинални групи.

***

Редакцијата: Имаше обид за Ваша цензура и спречување слободно да го изразувате Вашето мислење, кое е потребно за еден цивилизиран и демократски дијалог, кој обид притоа заврши неславно. Имено, ЛГБТИ+ здружението Скопски Квир Центар имаа поднесено претставка против Вас, во која во хаотичен и неконзистентен тек и без да наведат некакви издржливи докази, во исто време Ве обвинија за инквизитор, фашист и дискриминатор за текст во кој говорите за правата на жените. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на големо чудење, утврди дека не постои дискриминација по никоја основа од Ваша страна. Зарем ова не е уште еден обид за замолчување на жените и нивно враќање во среден век, кога немале право на свој глас и свое мислење, и пренесување на заканувачка пораката дека секоја жена што не размислува како одредени структури, ќе биде казнета со претставки и тужби?

Академик Ќулавкова: Кога ќе се релативизира поимот нормално, тогаш почнува да добива легитимитет „ненормалното“. Под ненормално тука подразбирам првенствено нешто кое противречи на мерливите факти на објективната реалност во природна, физичка, социјална и научна смисла. Кога субјективната стварност се разминува и се судира со објективната, тогаш нешто не е во ред со разумот, постои некаков пореметен поглед на свет. Светот од 20-ти век наваму оди од крајност во крајност: она што до 1970 год. беше прогласено за душевна болест (хомосексуалноста) и пореметување, денес, обратно, во 21-ви век е заменето со т.н. хомофобија, а хомофобијата се дефинира сè повеќе политички. Впрочем, таа и нема медицинска генеза, туку етичка, традициска, културна, а тоа ги олеснува политичките злоупотреби, па многу лесно се прогласува некое лице за хомофоб и по некој чуден автоматизам секоја, дури и најмала критичка промисла на родовите и трансродовите категории, се посматра како опасна хомофобија, потем како говор на омраза и на крај како дискриминација. На некој начин живееме во време на нелегитимни рестрикции на слободата на изразот, во време на идеолошка перверзија втемелена врз забрани, табуа. Ова е време на неслобода. Време – проклета авлија.

Секоја невладина инсталација е контролор на јавното мнение, овластена да го доведе во прашање традиционалниот поглед на светот и системот на морални вредности, небаре она кое е традиционално го загрозува современото општество и неговиот напредок. Невладиниот надзор над слободата на изразот и на критичката мисла е феномен за себе. Тој наликува на дискурс на моќ во сенка, а медиумски се прилично присутни и политички заштитени. Токму во тој контекст ќе кажам дека политичката заштита на тој надзор и контрола на слободниот ум, говор и израз, е индикатор дека во самите структури на власт исто така има сродни инсталации и дека тие функционираат синхронизирано. Па сепак, за среќа, има одредени инстанци кои ја бранат својата независност. На пример, Комисијата за борба потив дискриминацијата одлучи, разгледувајќи го поднесокот против мене од страна на Квир Центарот во Скопје, дека мојот говор од 26 јуни 2023 год. и резимето на тој говор на мојот портал на Фејсбук не содржат елементи на дискриминација и хомофобија. Јас им благодарам јавно на непристрасниот и објективен пристап.

***

Редакцијата: Постапките што погоре ги спомнав се доста контрадикторни, особено поради тоа што доаѓаат од здружение кое наводно се залага за правата на жените. Од нивните објави може да видиме дека од една страна ги охрабруваат жените да земат учество во општествените сфери, а од друга страна, спротивно на она што науката го има утврдено, изјавуваат дека маж кој се самоидентификува како жена (т.н. транс-жена) е жена во вистинска смисла како секоја друга жена со женски биолошки пол, што значи дека тој маж не само што има право да се натпреварува со жените во области во кои значајните телесни разлики му даваат предност, туку добива и поголеми права од жените, зашто си припишува двојна „обесправеност“ – и како жена и како дел од „ЛГБТИ+ заедницата“. Годинава дури видовме и како неколкумина мажи беа избрани за Мис и крунисани за најубави „жени“ на одредени натпревари. Дали како експерт и професор, кој има посветено неколку декади од својот живот во изучување на литературата и книжевноста од различни временски периоди и култури, во некое (барем едно) од плејадата пишани дела кои поминале низ Вашите раце, имате сретнато доказ/верување/пример дека полот е релативна категорија, која зависи од субјективните чувства, и дека освен машки и женски пол, постојат безброј други родови/полови?

Академик Ќулавкова: Секој фундаментализам, па и родовиот, достигнува точка на апсурд, трагикомичност, па и фарсичност. Да се избере маж за најубава „жена“, претставен во вид на една креатура со машка брада, а облечен во гламурозна дамска тоалета, повеќе зборува за институциите кои го промовираат тој „нереален реалитет“ одошто за самиот субјект. Манипулацијата со родот ја достигна точката на перверзија и го покажа лицето на грдоста, и физичка, и психичка, и социјална. Угледот на тие меѓународни институции нагло падна како последица на ваквите карневализации на реалноста. Тој пристап може да се прифати во некој маскенбал чијашто основна цел е да ги критикува моралните изобличувања, но никако кога се во прашање ОН или ЕУ и сл.

Во историјата на литературата, посебно на митологијата, постојат фигури на хермафродити и андрогини, но никогаш не се јавуваат како негација или дискриминација на двата доминантни природни пола, машкиот и женскиот. И библиските митови ја негуваат идејата за Адам и Ева како прародители на светот. Да не припаѓале на двата основни пола, не би било создадено човештвото. Проучувањето на хермафродитизмот повеќе било насочено кон физичките аномалии одошто кон психичките. Симболично, митскиот Хермафродит, синот на Хермес и Афродита, е плод на љубовна фанатичност. Имено, нимфата Салмакида се вљубила во Хермафродит толку многу што посакала нејзиното тело засекогаш да остане споено со неговото. Тоа е обработено во Метаморфозите на Овидиј. Научно, хермафродитизмот се проучува од 19 век. Посебен поттик во 20 век даваат Мемоарите на Херкулин Барбен (Herculine Barbin, родена 1838, како „интерполова жена“), објавени од Мишел Фуко. Филмската индустрија во последно време покажува нагласен интерес за хомосексуални и андрогини наративи, главно поврзани со познати историски личности, веројатно за да даде поголема тежина на оваа појава. Но, тоа сепак не го тангира новоконструираниот концепт на трансродовоста, кој ги надминува рамките на митологизираниот, и во таа смисла, традиционален, хермафродитизам.

Во современата литература се појави еден роман 2002 година под наслов Среден пол (на англиски во оригинал Middlesex) на Џефри Еугенидес (Ј. Eugenides). Романот е преведен и објавен на македонски во 2014 година (Конгресен сервисен центар). Тој го покренува наративот на третиот пол во поактуелна смисла, врз исповед на едно лице од грчко потекло од Мала Азија, кое се преселува во Америка поради тоа што конзервативната средина не ја прифаќа неговата средна или трета полова состојба (нешто помеѓу, интерсексуална половост). Но, во овој роман нема обид за дискриминација на машкиот и женскиот пол како трајни и базични реалности на човечката цивилизација.

***

Редакцијата: Хермафродитизмот (со двојна репродуктивна способност) се зема како еден од „најсилните аргументи“ за постоењето на повеќе полови, кој најчесто се среќава кај одредени животни, како што се полжавите, црвите или некои риби, но споредбено со останатите организми во природата, тие претставуваат ограничен број на исклучоци. Она што се чини дека намерно се затајува од трансродовите активисти е фактот дека такво нешто не постои помеѓу цицачите, ниту кај животните цицачи, ниту кај луѓето. Напротив, доколку настане таква неприродна модификација кај цицачите, тоа изрично се смета за аномалија и во таков случај организмот не може да произведе двојни гамети – машки и женски – кои се со функционална способност. Од друга страна, повторно гледаме дека единствени опции што активистите ги нудат се хормонска т.н. терапија со бинарни хормони – или машки тестостерон или женски естроген. Трета опција не постои, иако самите тие велат дека спектарот на полови/родови е безброен и дека има и такви луѓе кои не се ниту машки ниту женски. Како мислите дека може да се разбере оваа логична контрадикторност и нецеловитост и дали воопшто тоа е можно да се оправда на кој било начин со помош на науката?

Академик Ќулавкова: Постои една суштинска противречност, еден парадокс во досегашната трансродова пракса. Тој парадокс ја покажува фабричката, системска грешка на трансродовата теорија. Имено, и покрај сите напори да ја маргинализира природната бинарност на човештвото, на машко и женско начело, на маж и жена, трансродовата пракса, всушност, потврдува еден силен копнеж да се биде маж или жена. Промената на полот поради психо-ментални и социо-политички мотивации се движи на оската маж – жена. Некој се родил како маж, но чувствува потреба да се смести во тело на жена или обратно, некоја се родила како жена и чувствува потреба да живее во тело на маж. Некои лица пак, на коишто генетиката им вградила органи на двата пола, и тие повторно посакуваат да бидат едното или другото, оти не е лесно да се живее со половото двојништво. И тој феномен, како хиперсензитивен, треба да се проучува и да добие соодветна терапија и помош. Но, логички гледано, ни тие не се носители на некој трет пол, туку имаат двојни полови органи, кои пак ја модифицираат нивната полова припадност.

И во најделикатните случаи, де факто постојат двата основни антрополошки идентитети на полот, машкиот и женскиот. Тоа е така, затоа што антрополошкиот идентитет е рефлексија на космичкиот. И во космосот владеат архетиповите на машкоста и женскоста. Во сите древни учења и симболични системи владеат машкиот (андро) и женскиот (гино) принцип: едниот дневен, другиот ноќен, едниот т.н. позитивен, другиот негативен, едниот студен, другиот топол, едниот активен, другиот пасивен, едниот борбен, другиот креативен, едниот соларен, другиот лунарен. Само во рамки на тие архетипски структури можат да се препознаат нијансите и интеракцијата меѓу двата принципа.

Она што денес се случува по артифициелен пат е еден вид психосоцијално, па и институционално насилство, злоупотреба на природните психофизички нијанси на човекот. Во таа смисла, радикалната трансродова пракса ја сфаќам како генератор на нестабилни личности и уште понестабилно општество, кое се дефокусира од главните проблеми на денешницата и се затвора во некој кафкијански замок на негативната утопија.

Кое е тоа „трето“ по коешто се стремат, никој точно не знае, затоа што тоа трето има лице на медуза, лице на Протеј со стотици „родови“ идентитети. Ако Нешто е Сешто, тогаш тоа е Ништо. Голема црна дупка која ја голта првин душата, па свеста и, на крај, телото на младите. Финесите и нијансите на доживувањето на себеси и на другите, на внатрешниот и на надворешниот свет, некој политцентар прикриен зад квазинаучни аргументи ги симплифицира до тој степен што ги карикира и го хаотизира светот.

***

Редакцијата: Во последно време, освен што гледаме сѐ позачестен наратив на мизигонија која доаѓа од родовата идеологија и нејзините поборници, она што најмногу ги загрижува и вознемирува граѓаните е таргетирањето на децата, кое грото го сметаат за црвена линија што не смее да се премине. Како жена со сопствено дете (син), и како искусен професор кој одлично го разбира влијанието на едукативниот систем врз формирање на мислата и перцепцијата кај младите, може ли од педагошки аспект да ни објасните зошто образованието мора да се темели на науката и објективната вистина, а не на идеологија која e во спротивност со секоја можна научна дисциплина и сите утврдени, неменливи факти?

Академик Ќулавкова: Значи, денес се наоѓаме во ситуација кога се загрозува слободата на изразот со говорот на омраза и обратно, се злоупотребува слободата на говорот со говорот на омраза. Конфузијата меѓу поимите, поткрепена од проблематични образовни програми и политичка пропаганда, се проектира врз општеството.[2] Ќе дадам еден пример, за да биде појасно. Ќе прашам: како се случи една маргинална појава како хомосексуалноста (ЛГБТ) да се поврзе, па дури и да се поистовети со трансродовоста, сексуалноста да се помеша со родовоста? Ако sex/полот е реална категорија (објективна, природна, физичка, хумана, видлива, неспорна, стабилна), родот е сушта спротивност – субјективна, имагинарна, нестабилна, медицински проблематична, невидлива… Одеднаш, стремежот и идеологијата за заштита на сексуалните права како човекови права, се трансформира во идеологија на родовоста и трансродовоста, која оди од другата страна на sex/полот. И сега демонскиот круг на парадоксите нема крај, па токму трансродовите идентитети се залагаат за промена на sex/полот… Се прашувам – па нели не е битно како изгледаш физички и каков ти е природниот сексуален идентитет, туку е битен фиктивниот родов идентитет? Зошто? Дали затоа што родовиот идентитет, по дефиниција нестабилен и замислен, лесно се менува, денес се чувствуваш како маж, утре како жена, зошто ти треба да го менуваш оперативно sex/полот? Зошто оваа деликатна и научно проблематична идеологија треба да биде приоритет во основното и средното образование? Зарем тоа не е злоупотреба на децата и на нивната детска свест и психа токму во периодот кога треба да оформат здрав поглед на свет и стабилен идентитет? Нема ништо поризично во општествена и цивилизациска смисла од злоупотребата на децата, онаа софистицирана злоупотреба преку образование, медиуми, сугестивни политики, стимулативни политики.

Македонија, која денес личи повеќе на заостаната одошто на развиена земја, со невидена брзина настојува да ја озакони таа антиутопија, со што ќе се легализираат разни облици на агресија врз биолошкиот и духовниот идентитет на малолетните деца, на најмладата популација. Реалноста се потиснува, се поттикнува иреалноста, место кое не постои (утопија), ама некој го прави да биде реално, и тоа на брутален начин, сместувајќи ги најпрвин децата во него. Идентитетот не би требало да се сведе на една димензија, затоа што е повеќедимензионален, сложен и во постојан развој. Поради овие причини, во најмала рака, трансродовата практика во основното и средното образование е штетна, а пошироко и неодржлива на подолг рок.

Значи, сметам дека ако родовоста и трансродовоста се замислени идентитети тогаш немаат никаква причина да чепкаат во фактичкиот полов идентитет. Исто како што е мимикрија да се декларираат поедини групи дека се борат за правата на жените, а суштински и во стварноста ги загрозуваат дури и стекнатите нивни права.

***

Редакцијата: Ми беше чест што се согласивте на ова интервју и благодарам многу на содржајните одговори. Се надевам дека ова нема да ни е прв и последен разговор и дека ќе ја продолжиме соработката и во иднина.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ