(ФОТОГАЛЕРИЈА) МИТКО ТОШЕВ, МОМЧЕТО ОД СТРУМИЦА КОЕ НА СЕДУМ ГОДИНИ МУ ИЗРАБОТИ ПОРТРЕТ НА ЈОСИП БРОЗ ТИТО!

октомври 14, 2023

Името и презимето на Митко Тошев со годините сосем заслужено се претворија во првите асоцијации кои им паѓаат на ум на струмичани кога ќе се спомне уметност. Ова големо име многупати се има докажано како во државата, така и надвор од нејзините граници. Учениците во струмичката гимназија имаат за чест да учат од неговото долгогодишно искуство не само како сликар и вајар, туку и како педагог.

Митко Тошев е роден на 18 јуни 1972 година во Струмица. Своето ликовно творештво го почнува на 5 годишна возраст, а веќе на 10 години приредува серија на изложби. Уште тогаш е наречен „чудо од дете”. Во неговиот развој како ликовен уметник голема е помошта од еминентниот ликовен педагог и професор, Петар Мазев, кој оценувајќи дека има огромен потенцијал го носи на Бриони, кај Јосип Броз – Тито, каде Тошев на маршалот му изработил портрет во живо.

Веќе на 11 годишна возраст го свртува вниманието на ликовната јавност, со успешното претставување на самостојни ликовни изложби. Твори во сите медиуми-платно, дрво, мермер, стакло, порцелан, керамика и други, но сепак се издвојувува неговото знаење и талент во изработката на портрет како најтешка дисциплина во ликовното творештво и тоа на тема портрети во бронзен, сребрен и златен медал.

Повеќе за раното детство, првите почетоци и патот до успехот на Митко Тошев, дознајте од краткото интервју во продолжение.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Професоре, да почнеме од вашите почетоци. Во јавноста секогаш ќе останете запомнет како малото момче кое му изработи портрет во живо на можеби најголемото име во поранешна Југославија – Тито. Колку години имавте тогаш? Бевте ли возбудени ? Каков впечаток Ви остави Тито после таа ваша средба?

МИТКО ТОШЕВ: Уште како дете имав обичај да се вовлечам под креветот и со часови да цртам. Можев да цртам каде ќе посакам по куќата, благодарејќи на татко ми кој ми ја даде таа дозвола. И додека мајка ми често се противеше на тоа, чкртав по ѕидовите и ги правев првите неофицијални изложби по дома. Родителите ми беа голема поддршка на уметничкиот пат . Портретот на маршалот Јосип Броз-Тито го направив на 7 годишна возраст, уште тогаш ме насочуваше и голема подршка ми беше професорот Мазев и тој ме однесе кај Тито, инаку бледи ми се сеќавањата за тие моменти бидејќи тогаш имав само 7 години.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали талентот за сликање го имате наследено од некој од вашето семејство?

МИТКО ТОШЕВ: Да, во моето семејство и од страната мојата мајка од страната на татко ми има големи таленти за уметност.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Живеевте со епитетот „чудо од дете“ – беше ли лесно да се биде дете кога сите имаат големи очекувања од Вас? Како накратко би го опишале вашето детство? Ви беа ли интересни врсниците или сепак поинтересна варијанта беше создавањето ново уметничко дело?

МИТКО ТОШЕВ: Искрено, јас моето детство го поминав повеќе цртајки, секако дека си играв и со моите врсници но повеќе ме исполнуваше цртањето.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како ваш ментор знаете да го спомнете професор Петар Мазев. Факт е дека г. Мазев е еден од најзначајните творци на модерната македонска уметност, дури и иницијатор за создавање на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Какво беше чувството да се прима знаење од едно толку значајно име во македонската уметност? Пред се’ , каков беше вашиот однос? Дали Мазев беше строг учител и дали секој доделен совет го прифаќавте, или пак предност дававте на можноста да ја внесете индивидуалноста во она што го творите?

МИТКО ТОШЕВ: Како што веќе спомнав, подршката од професорот Мазев ми е дадена од најмала возраст и затоа тој најдобро знаеше што ми лежи кои ми се добри а кои слаби страни, тој како мој прв ментор многу настојуваше секојдневно да вежбам, бидејќи не е се’ во талентот, потребна е многу работа и труд за добар резултат.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Добитник сте на безброј награди и признанија. Која беше првата ваша награда? Дали имате омилена награда која би ја издвоиле од сите останати?

МИТКО ТОШЕВ: Уште како многу мал учествував на многу ликовни натпревари од локални до меѓународни. Претежно ги освојував првите места и тоа како дете ми даваше голема мотивација. Сите награди ми се драги, но ќе ја издвојам хуманитарната награда статуетката на Мајка Тереза.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вашиот портрет на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон се наоѓа во Американската амбасада во Скопје. Портретот на уште еден претседател на САД, Џорџ Буш пак, се наоѓа во Белата куќа во Вашингтон. Pортретот на Мајка Тереза кој беше подарен од поранешниот Претседател на државата, Борис Трајковски, на неговата светост папата Јован Павле Втори, денес се наоѓа во собата на папата во Ватикан во Рим. Некако се добива впечаток дека отсекогаш најтешките проекти биле доверувани во ваши раце. Како се справувате со одговорноста? Доколку би требало да одберете една, која ваша изработка на платно би ја издвоиле?

МИТКО ТОШЕВ: Сите тие дела кои ги спомнавте настанаа спонтано во еден подолг период од моето творештво. Во секоја слика давате дел од душата и затоа секоја ми е драга. Тешко можам да издвојам, затоа теоретичарите на уметноста велат „сликарот целиот живот слика една слика.“

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Портретите се вашата специјалност и изложби на портрети сте имале буквално на секој континент. Зошто токму портретите? Која е убавината некој да застане пред Вас и да се препушти на вашите способности за фасцинантно пресликување на реалноста на платно?

МИТКО ТОШЕВ: Мојата љубопитност и преокупација уште како дете беше портретот. Неговите карактеристики за да покасно јас дипломирам на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје на темата – Човекот и неговата емоцијонална состојба прикажана на портрет. Мене ме фасцинираше фактот дека добар успешен портрет е да може да зборуваш со него.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кое е најдобро време и место за уметничко творење на Митко Тошев?

МИТКО ТОШЕВ: Најдобро време за секој сликар е временскиот период на заоѓањето на сонцето светлоста е дискретна и се појавува контраст во светло и темно на портретот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Доколку денес треба да ја напуштите Струмица, во кој град би се преселиле и зошто?

МИТКО ТОШЕВ: Градот Париз е неслучајно одбележан со предзнакот „Град на светлината“ град на музејот Лувр, град кој има најмногу уметнички дела. Париз е главата на Земјината топка, мозок кој пука од генијалност и ја предводи човечката цивилизација, великан, уметник кој непрекинато твори, далеку-виден водител кој мора да има бразди во мозокот, пороци на голем човек, мечти на уметник и рамнодушност на политичар. Ова го рекол и го запишал големиот Балзак, кој целиот свој живот го поминал во овој прекрасен град на верата, надежта и љубовта

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Ако не би биле уметник и професор, во која друга професија би ве пронашле денес?

МИТКО ТОШЕВ: Ако не бев уметник што би бил тогаш сигурно спортист, бидејќи во себе носам спортски дух. Издржливоста упорноста и никогаш да не се предадам ми се главните карактеристики.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кон Вас секогаш се упатуваат лавини од убави коментари и пофалби, но од кого ја добивате најголемата поддршка во она што го работите?

МИТКО ТОШЕВ: Јас секогаш сум им благодарен на луѓето кои можат да ја почувствуваат мојата уметност, на тој начин јас ја разменувам мојата и нивната енергија тоа ми дава сила и мотивација за нови дела. Најголема поддршка одсекогаш била мојата фамилија.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, кога струмичани да очекуваат нова изложба?

МИТКО ТОШЕВ: Јас континуирано работам. Не знам кога, но сигурно дека ќе има изложба во мојата Струмица.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ