Енергетска заедница: Македонија со убедливо најголемо поскапување на струјата во 2022!

октомври 18, 2023

Секретаријатот на Енергетската заедница, најрелевантното тело на ЕУ за енергетски прашања, во својот извештај ја прогласи Македонија за најголем поскапувач на електрична енергија минатата година од сите земји кои претендираат да станат членки на Европската унија.

Нашата земја доживеала убедливо најголем пораст во просек на цената на електричната енергија во 2022 од сите други кандидати – Србија, Албанија, БИХ, Косово, Црна Гора, Украина, Грузија и Молдавија.

Цената во Македонија во просек се зголемила за 162 отсто, мислејќи тука и на таа на слободниот пазар, додека на второто место е Молдавија со поскапување на струјата за 135 проценти на годишно ниво.

– Само Косово значително го ублажи зголемувањето на цената за крајните корисници со намалување на даноците и давачките, што беше еден од главните политички инструменти и во ЕУ. Сепак, просечните цени на крајните корисници се сè уште пониски отколку во ЕУ-27 земјите, речиси два пати помали за индустријата и три пати за домаќинствата, забележува Секретаријатот

Од засега необјасниви причини, кај Македонија има огромно отстапување во цената на слободниот, односно либерализираниот пазар. Тука Македонија имала цена помеѓу 0,35 и 0,4 евра по киловатчас. Тоа е голем ценовен шок за индустријата, која само една година претходно плаќала помалку од 0,15 евра за електрична енергија.

Овде Македонија е убедлив „шампион“, затоа што втората земја со највисока цена на слободниот пазар била Молдавија со 0,18 евра по киловатчас за индустријата, инаку многу помалку од Македонија. Кај останатите земји не ни имало толкави шокови, односно нагли ценовни промени.

Кај Македонија во однос на другите земји нема големи отстапувања кај категоријата домаќинства и мали потрошувачи на регулиран пазар. Кај овие корисници цената била 0,1 евро од киловатчас во 2022. Сепак има зголемување за некаде околу 16-17 проценти за една година.

Порастот на цените предизвикал пад на потрошувачката на струја и кај домаќинствата и кај индустријата во Македонија. Потрошувачката кај домаќинствата опаднала за 7-8 отсто, а поголем минус имало само во Албанија во оваа категорија. Што е поважно, и кај индустријата имало пад на конзумот во Македонија и тоа за околу 13-14 проценти, а тука единствено Црна Гора била повеќе погодена од нас.
„Вкупно е намалена потрошувачката на индустриските капацитети во Црна Гора, Северна Македонија и Молдавија. Намалена е потрошувачката на домаќинствата во Албанија, Молдавија, Северна Македонија и Србија“, забележува Секретаријатот.

Од сите осум земји, само Македонија спровела мерки за енергетска заштита на социјално ранливите категории на граѓани.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ