Според најновите информации добиени од надлежните институции, дури 24 правни субјекти во Струмица се соочуваат со сериозна закана – целосна забрана за користење на јавна површина. Причината, како што информираат од општинските служби, е непостапување по укажувањата дадени од страна на инспекциските служби.
Овој потег, кој може да има сериозни последици по локалната економија, особено го отвора прашањето – дали инспекциските служби треба да пристапат со мерки на рушење, или да најдат заедничко, соодветно и одржливо решение со сите 24 правни објекти?
Струмица со години наназад важи за угостителски центар на југоистокот од државата. Токму овој сектор обезбедува вработување за голем број млади луѓе од градот и околината. Доколку се пристапи со радикална мерка како што е рушење, не е исклучено дека стотици вработени во овие објекти може да останат без работа. Последиците би можеле да бидат не само економски, туку и социјални, во време кога младите сè почесто ја напуштаат државата во потрага по подобра иднина.
Од друга страна, институциите мора да делуваат согласно законските прописи и да го почитуваат јавниот интерес. Но, во ситуација кога станува збор за долгогодишни субјекти кои вложиле во своето работење и кои придонесуваат кон локалната економија, можеби е време да се отвори дијалог.
До нашата редакција пристигна писмо од група угостители во Струмица кои нагласуваат дека испратиле и барање за запирање на постаките за присилно административно извршување.
„Во врска со вака донесените заклучоци на СИТЕ Градоначалници и претставниците на ЗЕЛС како и во согласност со Министерството за транспорт, бараме да од Ваша страна се запрат сите постапки за присилно административно извршување по инспекциска мерка од општински градежен инспектор, се додека како што е погоре наведено не се донесе унифициран Правилник за стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема кој ќе важи за сите општини на територијата на РСМ, имајќи во предвид дека начинот на постапување и поставување на урбана опрема пред угостителските објекти е состојба која е застапена во сите урбани општини“, стои во нивното барање до градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Угостителите во своето барање нагласуваат дека тие со години уредно плаќаат даноци, комунални такси и надоместици и бараат да им се овозможи еднаков третман од општина Струмица со другите угостители во Македонија.
„Почитуван Градоначалник, ние како вршители на угостителска дејност, истата ја обавуваме повеќе години, уредно плаќаме даноци, комунални такси и надоместоци со што придонесуваме во развојот на економијата на општината, но и како работодавачи директно вработуваме голем број на работници и индиректно влијаеме на економијата преку другите дејности кои се поврзани со угостителството. Почитуван Градоначалник, ние бараме да се овозможи еднаков третман на угостителите од општина Струмица со другите угостители во Р.С. Македонија.“
Прашањето што сега се поставува е дали е подобро да се изнајде модел преку кој би се корегирале постоечките неправилности, со цел и угостителите и институциите да бидат задоволни? Или, пак, треба да се создаде нов системски пристап кој ќе овозможи усогласување со прописите, без да се загрози егзистенцијата на стотици семејства?
На потег сега се и инспекциските служби и општинските власти.