strumica denes logo

БРАВО: УЧЕНИЦИТЕ ОД „НИКОЛА КАРЕВ“ СО НОВА АКЦИЈА: ЗАПОЧНА ОБНОВАТА НА ГРАДСКИТЕ КЛУПИ ВО СТРУМИЦА!

Автор:

Датум:

април 15, 2026

Автор:

Датум:

април 15, 2026

ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ од Струмица информира дека започнала реализацијата на акцијата за реставрација и комплетна обнова на градските клупи, како резултат на заеднички договор со ЈПКД „Комуналец“ и Општина Струмица.

Со оваа иницијатива, како што посочуваат од училиштето, јавниот простор во градот ќе добие нов, уреден и функционален изглед, а воедно се создава можност учениците активно да се вклучат во практична работа од својата струка.

Во процесот активно учествуваат учениците од дрвопреработувачката струка, кои ќе работат на целосна изработка и замена на дрвените делови за седење на сите постоечки клупи во Струмица. Акцијата ќе се реализира во континуитет, при што учениците ќе ги применуваат современите техники и знаења стекнати во текот на наставата.

Целиот процес се одвива под менторство на професорите Никола Узунов, Јане Тенев и Коста Зингаров.

Од училиштето нагласуваат дека оваа иницијатива претставува одличен пример за поврзување на стручното образование со реалните потреби на заедницата, овозможувајќи им на учениците не само да учат, туку и да создаваат и да остават видлив белег во средината во која живеат.

Воедно, од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ истакнуваат дека и во иднина ќе продолжат да создаваат одговорни, креативни и општествено ангажирани млади луѓе, кои преку својата работа придонесуваат за подобрување на локалната заедница.