strumica denes logo

БРАВО, ДАЛИ КОНЕЧНО ЌЕ ИМА РЕШЕНИЕ? КАЗИНА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИ САМО ВО ХОТЕЛ СО ПЕТ ЅВЕЗДИ: Нов предлог за измени на законот!

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Нов предлог за дистанцирање на казината, обложувалниците и останатите типови приредувачи на среќа подалеку од училиштата, основни и средни, но и од градинки, верски објекти, верски заедници и култирни институции.

На иницијатива на пратениците Елми Азири и Илире Даути, кои доаѓаат од редовите на Алијанса за Албанците, и се дел од сега веќе опозицискиот „Европски фронт“, во Собранието е доставен нов предлог за измена на Законот за игри на среќа и за забавните игри.

– Законското прецизирање со кое се предлага деловните простории односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат во хотели со 5* незвисно каде истите се наоѓаат (во наслено место или надвор од населено место), преставува сигурност и правна гаранција за подобрување на оваа состојба која неминовно бара поинаква регулација – напишале пратениците во предлог законот доставен во Собрание.

Во него е посочено дека деловните простории за казино, обложувалница, автомат клуб и томбола од затворен тип во кои се приредуваат игри на среќа, исклучиво мора да се сместени во хотели со 5* категоризирани согласно закон кои за да бидат отворени мора покрај овој услов да ги исполнат и условите за просторните и техничко-технолошките услови, кои ги пропишува министерот за финансии.

Утврдени се и условите за добивање на лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб и други слични објекти, како и за отварање на нови уплатно-исплатни места како и за промените на деловната просторија.

Новина која сега се предлага е и финансиска поддршка за општините.

Имено, со членот 11 се предвидува приредувачите на игри на среќа за секое истакнување на назив, реклами, објави и огласи на јавни места како и за назив на деловна просторија, плаќаат месечен износ од 200 евра во денарска противвредноста за секој метар квадратен од површината на која се наоѓа називот, рекламата, објавата и огласот. Овие средства се уплаќаат на посебна сметка на општината на чија територија се наоѓа деловната просторија.

Притоа предлагачите исто така со законот бараат овие уплатени средства општините да ги користат за поддршка на спортот и спортските активности, на лицата со посебни потреби, инвалидските организации и здруженијата на граѓани за борба против семејното насилство.

– Приредувачите на игрите на среќа кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат добиено лиценца за приредување на игри на среќа во казина, обложувалница, автомат клубовите и томбола од затворен тип согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон да го усогласат своето работење со одредбите од овој закон. Доколку приредувачите на игри на среќа во обложувалница не го усогласат своето работење, лиценцата за приредување на игри на среќа во обложувалница ќе се одземе – стои во предлог законот доставен во Собранието.

Предлагачите во воведот на ова законско решение нагласуваат дека коцкањето и обложувањето имаат за цел задоволување на одредена потреба кај човекот. Како социјална девијација, коцкањето и обложувањето ги опфаќа сите облици на организирано или комерцијално коцкање, но сепак, во општеството постои стигматизација дека коцкањето, казиното, слот-апаратите, па дури и спортското обложување се штетни и треба да бидат ограничени и недостапни за младата популација, па дури и забранети.

– Имено, во нашата држава во изминатите години токму за оваа проблематика и општествена појава се поведени бројни иницијативи и барања од регистрирани здруженија и граѓани за измени на постојниот Закон за игрите на среќа и забавните игри. Во моментот законската регулатива дава можност за отварање на деловните простории во кои се приредуваат посебните игри на среќа во слободен простор кој законски не е дефиниран и многу често истите се во близина на основни и средни училишта, градинки, верски објекти, верски заедници и религиозна групи и култирни институции. Имено, намената на училишта, градинките и култирните институции е образованието и образовниот процес на учениците, воспитувањето на децата. Примарна причина од која се трга е заштита на младите лица од лоши навики и несодветно постапување и однесување и заштитата на сите граѓани кои лично се засегнати од оваа девијантна појава или се потенцијална категорија која може да ги трпи последиците од истите – објаснуваат предлагачите.

За потсетување, ова е втор пат како се предлагаат измени на Законот за игри на среќа, чија цел според предлагачите е дистанцирање на казината и другите типови на приредувачи на среќа подалеку од училиштата.
Дали овој пат законот ќе биде донесен останува енигма. Имено, претходниот предлог ја помина собраниската процедура и беше изгласан, но сега веќе поранешниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша.

Иднината на новиот предлог за измени на законот е под знак прашање бидејќи го предлагаат опозициски пратеници кои се во коалиција со ДУИ.