Бизнисот на камионџиите зависи од „NMK“ лепенките, а нив ги нема ни за лек!

јануари 25, 2024

Осум месеци откако Владата одлучи на возилата да се ставаат налепници со „NMK“ ознаката, наместо да се менуваат регистарските таблички, процесот сѐ уште не е завршен. Ова ја зголемува нервозата и кај транспортерите, кои се соочуваат со ризик од губење на клиенти и приходи.

Според Преспанскиот договор, сите возила со ознака „МК“ треба да ја заменат со „NMK“ до 12 февруари 2024 година. Но, сѐ уште не е баш кристално јасно кога ќе стигнат и колку ќе чинат налепниците, кои треба да се лепат на старите таблички. Доколку граѓаните не го направат тоа до истекот на рокот, нема да можат да ја напуштат државата со своите возила.

Ова посебно ги погодува транспортерите, кои зависат од превозот на стока и патници низ Европа.

Тие велат дека државата не ги информира доволно за процесот и дека не ги заштитува нивните интереси. Тие бараат одложување на рокот.

Борислав В., сопственик на транспортна компанија од Скопје која поседува повеќе камиони, вели дека ако државата не може да го исполни рокот, тогаш треба да го признае тоа и да ги извести европските партнери.

„Државата пред сѐ треба да го брани интересот на своите граѓани и правни лица, особено што другиот потписник на преспанскиот договор нема исполнето ниту еден услов од него. Ние постојано возиме за Атина и за Солун и многу добро гледаме како стојат работите. Ниту една табла со ФИРОМ не е променета, а Преспанскиот договор го наложува тоа“, вели Борислав.

Тој додава дека транспортерите во изминатиот период ставале налепници со „NMK“ на своите камиони и немале проблеми при влезот во Грција.

Но, Борислав не е сигурен дали тоа ќе биде случај и со другите земји, особено со оние што не го признале Преспанскиот договор.

„Ние сме во паника дека нема да можеме да го завршиме процесот за сите наши возила. По овој датум ќе имаме проблем при излезот надвор од државата, што значи нови трошоци и загуби поради нереализираниот превоз. Затоа и иницираме евентуално одложување на рокот“, вели нашиот соговорник.

Од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор за тоа до каде е процесот на изготвувањето на налепниците и кога ќе им бидат достапни на граѓаните.
Според информации од медиумите, налепниците ќе чинат околу 300 денари и ќе можат да се купат на шалтерите за регистрација на возила.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

СЛИЧНИ ВЕСТИ