Home

Perdormire
Економија Струмица

БЕКТЕШИ: Се ограничува трговската маржа за струјата на 10%

Home

По предлог на Министерството за економија, Владата донесе одлука за посебни услови за трговија на одделна стока, според која се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата на пазарот со електрична енергија.

Како што на прес-конференција информира министерот за економија, Крешник Бектеши, највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци што вршат трговија на пазарот со електрична енергија на големо и на мало се утврдува во висина најмногу до 10 %.

„Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно, односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија. А оваа одлука ќе се применува до 15 април в година“, рече министерот.

Според Бектеши, одлуката се донесува за да се заштити домашниот пазар од нарушување поради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и на предлог на Министерството за економија потребно е да почне да се применува пред почнувањето на грејната сезона од 15 октомври.

„Оваа мерка ја носиме со цел да им излеземе во пресрет на компаниите што се на слободниот пазар, но и иституциите од централната власт, претпријатијата од локалната власт и училиштата и други, кои се приближно 1.500 субјекти“, изјави министерот.

Бектеши исто така информира и за одлуката што ја донесе Регулаторната комисија, со која се намалува маржата што ја пресметува крајниот снабдувач за субјектите што немаат склучено договор со снабдувач.

„Регулаторната комисија за енергетика направи измена на правилникот за снабдување со електрична енергија во краен случај, каде што е намалена маржата што ја пресметува крајниот снабдувач од 50 на 20 %“, рече Бектеши.

Министерот појасни дека има одредени компании и јавни институции, средни и основни училишта, кои немаат склучено никаков договор за снабдување со електрична енергија и купуваат електрична енергија од снабдувач во краен случај, во случајот ЕВН, со што непотребно прават трошоци и штета на сметка на буџетот на институциите со кои раководат и плаќаат многу поскапа цена на електричната енергија, која се премсетува според Унгарската берза.

Ги повика да склучат договори сѐ со цел да не се прави дополнителен притисок врз електроенергетскиот систем и секако врз државниот буџет.

Според одлуката на Владата, пазарот на електрична енергија на големо вклучува: пазар со билатерални договори, организиран пазар, и тоа пазар еден ден однапред и пазар во тековниот ден и пазар на балансна енергија.

Учесници на пазарот на електрична енергија на големо се: производителите на електрична енергија, трговците со електрична енергија, снабдувачите со електрична енергија, потрошувачите на електрична енергија што ги исполнуваат условите за самостојно учество на пазарот, пропишани во правилата за пазар на електрична енергија, операторот на електропреносниот систем, операторот на електродистрибутивниот систем, операторот на затворениот електродистрибутивен систем и операторот на пазарот на електрична енергија.