Бектеши до МВР и Спасовски: Мора да реагирате кон сите што крадат струја!

август 26, 2022

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Арачиново потврди дека во системот има големи загуби на струја, но дека проблемот не е ограничен на една општина, туку на сите и ги повика сите надлежни институции, пред се Министерството за надворешни работи, да се вклучат во надминување на состојбите. Најмногу загуби на електрична енергија лани имало во Куманово 16,2 отсто, во Тетово 10,7 отсто, Гостивар 19,3 отсто, во Кичево 12,1 отсто, во Скопје 19,6 отсто, а тоа се случува и кај сите осумдесетина општини. Инаку, снабдувањето на Арачиново со електрична енергија продолжи откако денеска во оваа општина беа министерот Бектеши и претставници на ЕВН кои имаа средба со градоначалнокот Ридван Ибраими и граѓани на Арачиново, на која било договорено да се почитуваат законските прописи, што подразбира квалитетно снабдување со струја. но и редовно плаќање на сметките.

„Со градоначалникот Ибраими, со жителите на Арачиново, со претставници на ЕВН, разговаравме многу отворено во однос на загубите на електрична енергија. Јас како министер надлежен за секторот енергетика, иако немаме директни ингеренции во овој дел, но во легислативата секако имаме, би сакал јавно да повикам сите да ги почитуваме законите, се со цел да не направиме штета во делот на снабдување со електрична енергија, но и во делот на електро – дистрибутивниот систем на државата“, рече Бектеши по средбата.

Тој потврди дека има загуби на електрична енергија, но дека загубите на електрична енергија не се само во Арачиново. Притоа додаде дека не треба да се земе само Арачиново како општина во која не се плаќаат фактури за електрична енергија или дека се краде електрична енергија.

„Во секоја општина, па и во секое семејство понекогаш има некои што не ги почитуваат регулативите и затоа од понеделник екипите на ЕВН непречено ќе дојдат на терен и така ќе почне да се наплаќа електричната енергија во Арачиново, но не само во Арачиново. Ние денеска на Владина седница ќе прогласиме кризна состојба во делот на енергетиката на национално ниво, а како министер надлежен за енергетиката ќе побарам од МВР и од другите надлежни институции да постапат во сите општини каде што има загуби на електрична енергија бидејќи тие загуби, дали се прават намерно или ненамерно, се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Не се на товар на една одредена компанија, било ЕВН, ЕСМ или МЕПСО, тие се на товар на сите потрошувачи, било претприемачи или домаќинствата, бидејќи загубите на електрична енергија се признаваат како трошок кога се одредува цената за електрична енергија“, рече Бектеши, додавајќи дека ги повикува сите надлежни институции вклучувајќи го и ЕВН да постапат согласно нивните надлежности се со цел да се намалат загубите во електроенергетскиот систем.

Бектеши нагласи дека крадењето на електрична енергија или незаконски приклучок во дистрибутивната мрежа е кривично дело, но дека тоа не е проблем на една одредена компанија туку е проблем на системот, на сите институции кои се надлежни да ја решат оваа работа вклучувајќи го и МВР и инспекциите, а секако и енергетските компании.

„Ние не сме тука да правиме драми и затоа преку дијалог, отворено ќе најдеме решение и овие работи ќе се надминат“, рече Бектеши, додавајќи дека е потребно да се овозможи непречено и праведно да снабдување со електрична енергија, а тие што копаат крипто валути и прават злоупотреби треба да постапи МВР согласно сознанија доставени од ЕВН.

Бектеши исто така рече дека според негови сознанија кои ги проверил во МВР немало пријави дека екипите на ЕВН биле спречувани да интервенираат и додаде дека „тоа ЕВН ќе го реши со своите вработени, дали кажуваат точни или лажни информации“.

Сепак, претставникот на ЕВН, на истата прес конференција ја демантираше изјавата на Бектеши велејќи дека се соочуваат со предизвици, како и дека имале доставувано дописи до сите надлежни институции.

„За да се пријави, треба вработен кога е на лице место да се јави на телефонски број и да пријави во МВР што не е едноставно и со истите тие да се соочува по судски процеси и тн“, рече тој.

Фокусот на денешната дискусија, како што нагласи, бил да се почитуваат законските норми од сите вклучени во овој процес, за што добиле поддршка.

„Се надевам дека во иднина тоа ќе функционира, тоа подразбира ЕВН да обезбеди квалитетна електрична енергија и да имаме еднаков третман на сите корисници што континуирано го правиме. Но, од друга страна за да го постигнеме тоа, мора да имаме непречен пристап до нашите основни средства, тоа се далекуводи, трафостаници, броила. Мора да обезбедиме тие истите да мерат точно, мора нашите екипи да можат да работат, но и откако ќе заминат тие средства да останат безбедни“, реше претставникот на ЕВН, додавајќи дека тоа било главната дискусија денеска и дека се надева и искрено верува дека во иднина тоа ќе функционира така.

Тој нагласи дека струјата во Арачиново не била исклучена, туку заради неовластено користење на електрична енергија мрежата е преоптоварена и се случуваат дефекти.

„Настана дефект на среднонапонски вод заради прекумерно користење на електрична енергија и заради непостоење услови за поправка на дефектот не можевме да го поправиме до вчера, се додека не седнавме да разговараме и не се создадоа услови. Се надевам дека од понеделник ќе можеме нашата дејност да ја извршуваме непречено и дека нема да се најдеме во ваква ситуација ниту ние како компанија, ниту граѓаните на Арачиново“, рече тој.

На заблешката дека се оштетени многу граѓани на Арачиново кои редовно ги плаќаат сметките, но и многу бизниси, тој одговори дека доколку се оштетува опремата, доколку се манипулираат броилата, тоа води до преоптоварена мрежа и до вакви дефекти.

„Ако се овозможат услови и го реализираме проектот, односно мрежата се реконструира соодветно, се постават соодветни броила, тогаш нема да доаѓа до вакви случаи“, посочи претставникот на ЕВН.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: