Општина Василево ќе добие нова кланица со најголем капацитет во регионот, која ќе биде изградена на површина од околу 3800 м². Ова е втора голема инвестиција во текот на мандатот на градоначалникот Славе Андонов, по изградбата на поликлиниката во оваа општина.
Денес, во присуство на Саво Василев, сопственик на “Кланица Василеви”, беше означен почетокот на изградбата, кој започна со ставање камен-темелник на новиот објект. Кланицата ќе биде изградена на територијата на Општина Василево, на десната страна од локалниот пат кој води кон населеното место Добрашинци.
Градоначалникот Славе Андонов изрази големо задоволство што ваков капитален проект ќе се реализира токму на територијата на неговата општина. „Задоволството е посебно, што кланицата од таков калибар ќе се гради тука, и тоа ќе има огромен бенефит за нашата општина, како и за локалниот економски развој. Овој проект ќе создаде нови работни места и ќе ја поттикне економската активност во регионот,“ изјави Андонов.
Изградбата на кланицата се очекува да се одвива брзо, а градоначалникот ја истакна важноста на инвестицијата и за локалните жители.
„Како градоначалник сум горд што инвеститорот ја препозна Општина Василево како соодветна за инвестирање. Со оваа инвестиција, потврдивме дека нашите политики за локален економски развој се исправни,“ додаде Андонов.
Новата кланица ќе биде изградена според најсовремени стандарди, што ќе ја стави Општина Василево на економската мапа на регионот и ќе обезбеди многу задоволни клиенти.