ЈАНЕ КИРОВ ЗА ПЕТТЕ СТРУМИЧКИ СТУДЕНТИ: НА СЕКОЕ МАВАЊЕ УБИЈЦИТЕ ВИКАЛЕ, „ЕВЕ ВИ ЗА ЈАНЕ, ЗА ДАМЕ, ЗА ЧЕНТО“, „ЕВЕ ВИ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“

август 12, 2020

Јане Киров, студент по историја и уредник во портал Струмица Денес:

Млади деца, полни со живот, енергија и желба за подобра, слободна и независна Република Македонија! Водени од духот на Гоце Делчев и идеалите на ВМРО, Пецев, Белев, Ј’рмов, Топчев и Костуранов како и многу струмичани во тоа време, изразиле незадоволство за гушењето на националниот дух, како и за одземањето на земјата. Ова незадоволство ќе го крене националниот дух на градот Струмица, а гимназијата во Струмица со нејзините млади струмичани, ќе стане место каде силно ќе се пројави идејата за ВМРО, за независна и слободна Република Македонија.

Се случиле неколку акции од кои едната била на 1 мај во 1946 година, кога целиот град бил поплавен со летоци на кои била испишана пораката: „Долу експонатите на србизмот Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Михајло Апостолски и нивните другари!“, а втората порака на летоците била: „Да живее духот на Гоце Делчев и Даме Груев!“.

По овие акции, веќе знаете што се случило…масовно апсење низ цела Струмица од страна на комунистичкиот режим! Уапсени се повеќе од 20 млади момчиња од кои и  тројца од петте студенти кои биле осудени на затворска казна. Кога излегле од затвор, продолжиле со своето школување. Летото во 1951 година, кога завршиле со студентските обврски се вратиле во родната Струмица, за неколку дена подоцна да бидат киднапирани од игранка и однесени во седиштето на УДБА како најголеми злосторници. И како што било вообичаено за времето на комунизмот, почнале да ја шират лажната приказна дека тие наводно сакале да побегнат преку границата, се’ со една цел, привремено да го смират народот во Струмица.

Беласица, планината која во 1014 година виде многу крв од 14.000 ослепени војници, но и планина која во 1951 година беше сведок на еден злочин извршен врз пет млади момчиња. Беласица е всушност и последниот сведок за грозоморното убиство. Најпрвин биле крвнички тепани, а на секое мавање убијците викале:

„ЕВЕ ВИ ЗА ЈАНЕ, ЗА ДАМЕ, ЗА ЧЕНТО“, „ЕВЕ ВИ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“.

Двата истрели, еден во челото и еден во срцето било последното за нив.

Струмица никогаш не смее да заборави дека Пецев, Белев, Ј’рмов, Топчев и Костуранов биле убиени во комунистичкото време на Јосип Броз Тито и во време кое тие сакале слободна и независна Република Македонија.

Во нивна чест, го посетивме олтарот на младешката храброст за да ветиме дека секогаш ќе стоиме горди под знамето на независна, слободна, демократска и вечна МАКЕДОНИЈА.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: