ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА-ШТУКА: УШТЕ ЕДНА БИЗНИС ЗДЕЛКА НА СДСМ-ДУИ!

јули 15, 2023

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањето за рудниците во Струмичко не е ништо повеќе од, како што рече, обична владина бизнис-зделка, пред сѐ на ДУИ.

„Ова претставува јасна бизнис-зделка на коалиционите партнери. Тука е ДУИ којашто веќе и со сопственост влегува во оваа зделка и нормално тука е и помалиот коалиционен партнер, измеќарите од СДСМ коишто коленичат пред наредбите на ДУИ. ДУИ наредува, СДСМ поддржува и исполнува. Отприлика така функционира денеска владата во Македонија и сѐ додека така функционира владата во Македонија, Македонија ќе назадува, вклучително и ова што денеска го кажавте, незадоволството на граѓаните во регионот на Струмица и Струмичко, општините Босилово, Ново Село, пред сѐ каде што се предвидени овие објекти“, изјави Мицкоски за време на посетата на Демир Хисар.

За него е лицемерно што министерка во Владата, алудирајќи на Каја Шукова, присуствуваше на протестот против рудникот во Иловица.

„Замислете какво лицемерие, какви двојни стандарди, Владата носи одлука за спојување, а министерот во таа иста влада вели дека ќе биде денеска заедно со тие луѓе коишто протестираат. Па ако не се согласува со таа одлука, може уште истиот ден да поднесе оставка. Зошто не поднесе оставка? Еве денеска нека ја најави својата оставка, нека поднесе оставка и нека замине од политичката сцена ако не се согласува со политиките на Владата“, рече Мицкоски.

Денеска граѓаните, во организизација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ – Струмица и Еколошкото здружение „Еко долина“ – Ново Село, се собраа на протест во Струмица за да кажат „не“ за споената концесија за рудникот Иловица-Штука.

„Стоп, доста беше со манипулации“, „Штука нема да отстапи ниту педа земја за убијците“, „Секирник, село кое е поим за чиста и плодна земја“, беа дел од транспарентите кои ги носеа собраните граѓани на протестот.

Се бара од државните институции да спречат отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ