Во населбата Карпош во Струмица започнаа градежните активности за изградба на нов урбан парк, проект кој има за цел да придонесе кон подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина во градот.
Станува збор за реализација на втората фаза од уредувањето на овој простор, во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој Општина Струмица го реализира во партнерство со УНДП и со финансиска поддршка од Шведска.
Според информациите од Општина Струмица, новиот парк ќе се простира на површина од околу 14.000 метри квадратни и ќе понуди современо уреден јавен простор наменет за рекреација, одмор и престој на граѓаните.
Проектот предвидува изградба на пешачки патеки, зони за седење, поставување урбана опрема, корпи за отпадоци, како и обемно хортикултурно уредување со садење дрвја, грмушки и разновиден дендролошки материјал од автохтони и алохтони видови.
Во рамки на овој простор, во втората фаза е предвидена и изградба на Еко павиљон, кој дополнително ќе ја збогати функционалноста на новиот парк.
Од локалната самоуправа посочуваат дека проектот претставува значајна зелена инвестиција за Струмица, со конкретни еколошки придобивки како апсорпција на штетните честички во воздухот, негово прочистување, намалување на урбаните температури и создавање поздрава и попријатна животна средина за жителите.





















