Петар Јанков, потпретседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица, истакна дека во пресрет на локалните избори, Општинскиот комитет активно работи на креирање на сопствената програма, која ќе произлезе од реалните потреби на граѓаните.
„Имам чест како координатор на комисиите и стручните тела во комитетот да бидам дел од подготовката на програмските документи,“ истакна Јанков, додавајќи дека од особено значење е соработката со сограѓаните, од кои добиваат конкретни информации за секојдневните проблеми, како и предлог-решенија за истите.
Комисиите на Општинскиот комитет, како што нагласи, имаат јасна задача – да ги идентификуваат клучните локални и комунални предизвици и да следат како ќе се остваруваат ветените проекти.
Јанков укажа на фактот дека по 20 години локална власт на СДСМ во Струмица, остануваат нерешени бројни проблеми – висока загаденост на воздухот, проблематичен квалитет на водата за пиење, дивоградби, запуштена инфраструктура, како и честите поплави во делови од градот како Младинска, Ленинова, Куклиш и Дабиле.
„СДСМ не успеа да ги реши овие проблеми за две децении, но ВМРО-ДПМНЕ има волја, план и поддршка од народот тоа да го промени,“ порача Јанков.
Тој особено внимание посвети на проблемот со водата за пиење и го постави прашањето дали оваа пролет и лето граѓаните повторно ќе се соочат со вода што не е доволно здрава или квалитетна. Како одговор на овој предизвик, Јанков го претстави предлогот што ВМРО-ДПМНЕ ќе го имплементира по преземање на локалната власт – акредитација на лабораторијата на Струмичкиот водовод, со цел граѓаните секогаш да имаат увид во квалитетот на водата што ја користат.
„Изборите се ближат, а веќе е јасно – ВМРО-ДПМНЕ победува и во Струмица. Одговорноста, промените и решенијата доаѓаат,“ заврши Јанков.