Комисијата за општествени дејности при Советот на Општина Струмица распиша конкурс за доделување на Годишната награда и наградата за животно дело „Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“.
Признанијата се доделуваат на поединци, организации и институции од Македонија и странство кои оствариле значаен придонес во развојот и афирмацијата на Струмица во областите на стопанството, науката, културата, уметноста, образованието, здравството, спортот, социјалната заштита, животната средина и други општествени дејности.
Годишната награда се доделува за постигнувања во период од една година, додека наградата за животно дело е наменета за исклучителни остварувања во период подолг од десет години.
Право да предложат кандидати имаат организации, институции, здруженија и граѓани.
Предлозите се доставуваат во шест печатени примероци, лично во архивата на Општина Струмица или по пошта на адреса: ул. „Сандо Масев“ бр. 1, Струмица, со соодветна назнака за видот на наградата.
Конкурсот е отворен заклучно со 26 ноември 2026 година. Формуларите за пријавување се достапни во општинската архива и на официјалната веб-страница на Општина Струмица, каде што можат да се најдат и дополнителни информации.























