Уште едно значајно меѓународно признание за уметноста што доаѓа од Струмица! Познатиот струмички уметник и илустратор Ване Костуранов е добитник на престижна награда во Загреб, Хрватска, за својата најнова авторска сликовница „Куќа“.
Наградата му беше доделена на фестивалот за детски сликовници „Ovca u kutiji“, кој важи за еден од најстарите од ваков вид. Струмичанецот успеа да го привлече вниманието на стручното жири, кое неговото дело го оцени како исклучително книжевно и ликовно остварување наменето за различни генерации.
За Костуранов ова признание претставува продолжение на успешната меѓународна приказна. Неговите сликовници досега се преведени на повеќе од десет јазици, додека „Девојче и мече“ се најде меѓу 200-те најдобри детски книги во светот во престижниот каталог „White Ravens“.
Во творештвото на струмичкиот уметник посебно место заземаат куќите, кои преку неговата имагинација добиваат чувства, карактер и сопствени приказни. Токму оваа препознатлива уметничка инспирација е преточена во наградената сликовница „Куќа“, која деновиве излегува од печат во Хрватска.
За време на престојот во Загреб, Костуранов одржа и ликовна работилница со средношколци, пренесувајќи дел од своето творечко искуство на младите генерации.
Со ова меѓународно признание, Ване Костуранов уште еднаш го претстави својот роден град Струмица на европската уметничка сцена, потврдувајќи дека творештвото создадено со љубов и имагинација може да ги надмине сите граници.























