Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека повеќе од 300.000 пензионери ќе добијат линеарно зголемување на пензиите за 2500 денари со мартовската пензија, која ќе биде исплатена на почетокот на април. Ова зголемување ќе следи по покачувањето од 2500 денари што беше реализирано во септември минатата година, со што ќе се оствари ветувањето на Владата за вкупно зголемување на пензиите за 5000 денари.
Во одговор на новинарско прашање, Мицкоски потврди дека во новиот Буџет се предвидени дополнителни средства за ова покачување, што ќе има позитивен ефект врз голем број на пензионери во земјата.
– Со тоа се заокружува ветувањето дека во првата година пензиите линеарно ќе бидат зголемени за 5000 денари. За девет месеци тоа ќе го направиме. И мислам дека пензионерите се задоволни од оваа мерка и дека на некој начин успеваме да им ги олесниме пензионерските денови како Влада и ќе продолжиме во таа насока да работиме и во иднина. Повеќе од 300 илјади пензионери ќе го добијат ова покачување со мартовската пензија, изјави Мицкоски, по пуштањето во употреба на спортска сала во Радовиш.