strumica denes logo

Интересно откритие во медицината: Раните зараснале три пати побрзо со помош на електрична енергија!

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Автор:

Датум:

јули 23, 2024

Научниците развиле посебен биочип со електрична енергија со помош на кој раните зараснале три пати побрзо од вообичаено.
Од порано е познато дека електричните полиња можат да го насочат движењето на клетките на кожата, туркајќи ги на пример кон местото на повредата. Всушност, човековото тело само создава електрично поле за да се постигне тој ефект.

Поради тоа експертите од Универзитетот Фрајбург во Германија истражиле дали може да се зголеми ефектот на тој природен процес и добиле позитивен резултат. Иако со помош на оваа метода повредите не може да се излечат со еднаква брзина како во научно-фантастичниот серијал „Ѕвездени патеки“, изгледа дека сепак сме поблиску до помодерна и побрза метода за лекување.

Спас за дијабетичари и постари лица?

Имено, оваа постапка би можела радикално да го намали времето потребно за закрепнување по помали повреди или рани. За оние со хронични рани кои долго заздравуваат, како што се постарите луѓе, лицата со дијабетес или со лоша циркулација на крвта, брзото закрепнување по помали исекотини би можело буквално да претставува спас.

„Нашето откритие на методата со која раните зараснуваат до три пати побрзо може значајно да го подобри животот на дијабетичарите и постарите лица кои често имаат проблеми со повреди кои многу бавно зараснуваат“, рекла биоелектричарката Мариа Асплунд од Универзитетот Фрајбург.

За да тестираат на кој начн влијаат на јачината и насоката на електричното поле на отворени рани, научниците развиле биоелектронска платформа и на неа создале вештачка кожа која се состои од кератиноцити – најчестите видови на кожни клетки кои се клучни за процесот на закрепнување. Исто така ги споредиле резултатите со примена на електрични полиња на една страна на раната со наизменични полиња на двете страни, пишува „Science Alert“.

Вештачките клетки со дијабетес зараснале речиси еднакво брзо како и здравите клетки
Виделе дека кератиноцитите дизајнирани да наликуваат на оние кај луѓето со дијабетес мигрирале до три пати побрзо од клетките кај кои не е применет електрицитет, со тоа што како најефикасен се покажал пристапот кој е применет само на една страна на кожата. При тестирањето електричните полиња не нанеле оштетување на клетките на кожата.

„Кога имитиравме дијабетес во клетките, раните на чипот многу бавно закрепнуваа. Но со електрична стимулација толку многу го забрзавме процесот на зараснување што тој речиси да наликуваше на оној кај здравите клетки на кожа“, рекла Асплунд. Експертите сега планираат да го тестираат овој метод и на луѓе, односно на вистински рани, а не на клетки од кожа создадени во лабораторија.

Истражувањето се нарекува „Bioelectronic microfluidic wound healing: a platform for investigating direct current stimulation of injured cell collectives“ и е објавено во списанието „Lab on a Chip“.