strumica denes logo

Струмичките матуранти, поздравени од градоначалникот Јаневски, танцуваа по звуците на Штраус

Автор:

Датум:

мај 18, 2018

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

мај 18, 2018

Категории:

Култура

Денес на плоштадот „Гоце Делчев“ , матурантите од струмичките средни училишта зедоа учество на Меѓународниот матурски бал, играјќи квадрил по звуците на Штраусовата опера „Лилјакот“. Во исто време, во своите градови, танцуваа и нивните врсници од Скопје, Струга, Охрид, Гевгелија и Куманово, но и од стотина други градови од централна и југоисточна Европа. Пред почетокот на балот, матурантите ги поздрави градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој во својот говор рече:

„Почитувани наши матуранти,
Има ли поубаво нешто од тоа, најубавиот месец во годината да го направите уште поубав. Вие со Вашата младост, енергија и убавина, денес тоа можете да го сторите на најубав можен начин.
Да се биде дел од од овој интернационален матурски бал е вистинска привилегија и задоволство. Да се танцува денес на струмичкиот плоштад заедно со цела своја генерација, за секој од Вас претставува настан кој се памети цел живот.
Она што треба да го знаете е дека идеен творец на „Матурскиот бал“ е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, и дека првиот таков бал се случил во 2001 г. во главниот град на Словенија, по што од година во година, истиот добивал се поголеми меѓународни димензии. Во синхронизираното танцување на матурантите, Македонија се вклучи во 2007 г. , а Струмица е дел од него од 2008 година, или пред точно десет години.
Навистина е чест и задоволство за нашиов град, што во континуитет ја негува таа традиција и со тоа е составен дел од разиграната младост на стариот континент. Убаво е чувството, кога се знае дека во овој миг, во преку 120 градови од 15 – тина европски земји, матурантите имаат една единствена мисла, како со танцот да ги афирмираат општочовечките вредности. Се надевам дека играњето „квадрил“ по музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, ќе ја оствари својата мирољубива цел.

Секоја година, еден од стремежите на организаторите и матурантите е да се постави нов Гинисов рекорд во синхронизирано танцување. Јас тоа од се срце ви го посакувам, но сметам дека најважно од се е убавото дружење и воспоставувањето на нови мостови на пријателство, соработка и разбирање помеѓу младите. Бидете горди што сте дел од сево ова, како што јас и Општина Струмица сме горди на Вас.
Честитајќи Ви го матурирањето, од се срце Ви посакувам успех во понатамошното чекорење по Вашите животни патишта. Сите идни предизвици совладувајте ги успешно, како што ги совладавте танцовите чекори од „квадрилот“.
А сега, нека започне „матурскиот бал“ . Ви посакувам да уживате во танцот со желба да имате уште многу поводи за танцување низ животот.“