Единствено верата во Бога му носи вистинско ослободување на човекот!

јануари 16, 2019

Целосното интервју може да го погледнете ОВДЕ

Ексклузивно интервју на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, за „Битолски весник”

Б.В.: Само што зачекоривме во новото лето Господово 2019-то. Изнесете ги Вашите оценки за минатата година, на црковно и политичко поле. Дали тоа што го планиравте и го остваривте?
Отец Партениј: Најнапред, нека ни е благословено на сите новото 2019-то лето Господово! Божјиот благослов и поддршка ни се неопходни за секое добро дело што имаме намера да го започнеме и завршиме. „Господ Ме испрати“, вели за Себе Синот Божји, Спасителот на светот, „да ја проповедам благопријатната година Господова!“ Затоа, единствено преку Христа времето добива вистинска смисла и цел. Нека Неговиот благослов биде постојано на нас!

Во текот на изминатата година, на црковен план, се случија неколку важни работи, особено во врска со прашањето за признавање на автокефалијата. Сепак, најзначаен за нас настан беше блескавата прослава на илјадагодишнината од Охридската Архиепископија во древната „Света Софија“ во Охрид. Гледано политички, пак, 2018-та беше доста турбулентна година, нешто што не можеше, а да не нѐ засегне и нас монасите, како граѓани на оваа држава. Нека Бог и во годинава што доаѓа милостиво промислува за нас и ги просветлува нашите водачи да дејствуваат за доброто на сите жители на ова мало парче земја!

Во поглед на Манастирот, Му благодарам на Бога што како братство нѐ удостои да поминеме уште една година во „Неговите дворови“ и да направиме нешто за слава на името Негово. Се разбира, сме можеле многу повеќе, но ја просиме Неговата милост и благодат за да продолжиме со уште поголема ревност да Му служиме Нему и на ближните.

Б.В.: Што најмногу Ве израдува во минатата година?
Отец Партениј: Најголема радост отсекогаш ми претставувал духовниот напредок на луѓето, нивниот раст во верата Христова и во познанието дека единствено Христијанството му носи вистинско ослободување на човекот, а со тоа нелажна и неминлива радост. Особено се радувам кога младите доаѓаат во автентичен допир со Христа во Црквата и стануваат нејзини активни членови. Оваа година Бог ме удостои да видам како многу млади во нашиот Манастир ја спознаа убавината на Христовата вера, благородството на Неговата љубов и чистата радост во Него.

Б.В.: А, што Ве натажи?
Отец Партениј: Она што во последно време ми создава голема тежина во срцето е непрестајниот одлив на млади луѓе од Македонија. Лично јас имам многу духовни чеда коишто ја напуштиле својата Татковина, барајќи подобра егзистенција, или барем основни услови за нормален живот. Голем дел од нив, пред да заминат, дошле кај мене за благослов. Гледајќи дека некои навистина немаат од што да живеат тука, со тага во душата им го дадов својот благослов, но истовремено со тоа и еден духовнички завет – кога еднаш со Божја помош ќе успеат да ги обезбедат неопходните средства за еден пристоен живот, да се вратат и да почнат да вложуваат во својата земја, бидејќи тука се нивните корени, нивните светињи, гробовите на нивните прародители. Така некогаш правеле нашите предци, кои и покрај тоа што немале своја слободна држава и живееле во немирни и несигурни времиња, сепак, со најголема љубов се труделе своите спечалени средства да ги вложат тука. Впрочем, благодарение на таквото нивното благочестие, од тоа време произлегле и најубавите храмови и манастири, со кои и до денес се гордееме. Во поглед на ова, се надевам дека и нашите политички водачи ќе најдат веќе еднаш сили да обезбедат пристојни услови за живот во оваа земја, во која има доволно место за сите, доколку се води една коректна домаќинска политика. Во поглед на Црквата, пак, многу ме нажалија, поточно, ме повредија, смутот и поделбите кои настанаа во Православието, а беа придружени од загрижувачки националистички изјави на одредени архиереи.

Б.В.: До каде е процесот за добивање на автокефалност на МПЦ-ОА? Кога тоа ќе се случи? Вашата прогноза.
Отец Партениј: Не би сакал да давам прогнози за тоа кога ќе биде признаена нашата автокефалност. Важно е дека, со Божјо содејство, работите се движат во тој правец. Откако МПЦ-ОА побара од БПЦ помош и посредство за излез од полувековната неправедна изолација, бугарскиот Синод веднаш оформи комисија, со што нашето црковно прашање најпосле излезе од тесните рамки и доби меѓуправославен карактер. Тоа беше доволен повод Вселенскиот Патријарх да го употреби своето вековно и од Вселенските собори загарантирано право да биде арбитер во меѓуправославните спорови. Набрзо, од Фанар, од седиштето на Великата Христова Црква, како што се нарекува првопрестолната Вселенска Патријаршија, дојде убавата и долгоочекувана радосна вест дека Патријархот веќе ја презема одговорноста за нашето прашање. Потоа следеше кореспонденција на Патријархот со црковна Софија, во која тој недвосмислено даде до знаење дека нашето црковно прашање е исклучиво во негова надлежност. Исто така, тој оствари и средби со државниот врв на Грција, од каде што навести дека ќе дејствува во правец на враќање на нашата Црква во канонскиот поредок, „според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј важи за мудар и богопросветлен првојерарх, со голем углед во целиот свет како миротворец, кој придонел многу за зачувување на соборноста во Црквата и особено за решавање на повеќе црковни спорови. Тука би го истакнал и последниот случај со Црквата во Украина. Тоа ни дава надеж да веруваме дека и во однос на нашата Црква ќе го оствари своето ветување, со што ќе се исцели уште една голема рана во православниот свет. Кога сме веќе кај Украина, добро би било да забележиме дека неслучајно Вселенскиот Патријарх го одбра името ‘Православна Црква во Украина’, наспроти ‘Украинска Црква’, што покажува дека е решен силно да се спротивстави на ереста етнофилетизам. Се надеваме дека сите Цркви ќе се поучат од ова, зашто една помесна, автокефална Црква не припаѓа само на еден народ, туку на сите православни кои живеат во нејзината јуриздикција, без разлика на националноста. За жал, гледаме како СПЦ упорно стои на својот став дека треба да ги има под контрола териториите на некогашна Југославија, каде што ширеше српство наместо Христијанство, нешто што очигледно, според духовните закони, им се враќа и удира од глава. Јасно е дека Патријархот со голема мудрост и смирение повторно го востановува со векови нарушуваниот авторитет на Вселенската Патријаршија, но и поредокот во Црквата, онака како што предвидуваат и соборските одлуки. Ползувајќи го своето право да свикува собори, тој во 2016 година го свика Сеправославниот Собор во Крит, на кој остана непроменето правото на Вселенскиот Патријарх да дава томоси за автокефалија и да биде арбитер во меѓуправославните спорови. За жал, на тој Собор, токму оние Цркви кои најмногу уценуваа и поставуваа услови за да присуствуваат, и покрај тоа што им беа прифатени сите приговори, крајно нељубезно и во последен момент го откажаа своето присуство. Истите тие, денес бараат нов сеправославен Собор, затоа што се директно засегнати од последните случувања. Но, Собор од таков вид може да свика единствено Вселенскиот Патријарх, а сите сме свесни дека нема повторно да го направи тој чекор, зашто тогаш кога го свика, наместо присуство – доби навреда. За неупатените треба да напомнеме дека за епископите откажувањето присуство на собор свикан од нивниот претстојател или од Вселенскиот Патријарх е кршење на епископскиот завет што се дава на самиот чин на ракополагање, кога ракополаганиот ветува дека дури и по цена на својот живот ќе присуствува на секој собор на кој е повикан, во најмала рака со претставник. Сега, пак, од одредени кругови слушаме изјави дека за некои Вселенската Патријаршија повеќе не е највисок авторитет, што претставува тежок удар на целото Православие и голема соблазна. Мислам дека одлуките на Вселенската Патријаршија во однос на автокефалиите треба да бидат почитувани од сите, бидејќи во спротивно се нарушува кохезијата меѓу помесните православни Цркви и на тој начин доаѓаме до разни варијации на Православието, што воопшто не е во духот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Автокефалноста не значи буквална независност и самодоволност, ами взаемна зависност на членовите во едното Тело Христово.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ