АПЕЛ ЗА ПРОТЕСТЕН МАРШ ПРОТИВ РУДНИКОТ ВО ИЛОВИЦА!

јуни 15, 2018

Драги жители на сите струмички општини!
Кога ,,Здрава котлина,, пред 15 месеци почнуваше со борба против рудникот во Иловица, ни беше јасна една работа. Дека нашата сила е во народот. Дека нашата моќ е во народот. Дека без вас не можеме ништо да направиме. Истото го мислиме и денес.

Пред 15 месеци за отварањето на рудникот некои викаа: Как за сите, така и за нас. Но така не смее да се размислува. Тоа е ропски начин на размислување.
Денес, ситуацијата е по друга. Денес, многумина, знаеме какво големо зло ни е надвиснато над главите. Знаеме дека ваков рудник во светски рамки е дефиниран како Г- 1, тешка загадувачка индустрија а се наоѓа на работ на нашето плодно поле.
Знаеме дека овој рудник ќе биде најголем во југоисточна Европа.

Површински коп. Секој ден ќе употребуваат тони експлозив. А потоа, ветрот ќе ја донесе прашината кај нас за да ја дишеме. Видовме дека Струмица е загаден град во зимата. Со рудникот, ќе биде загаден цела година. Струмица е на десетина километри од Иловица. Ветрот, понекогаш, ни носи црвена песок од Африка…
Знаеме уште многу, други, лоши работи…
За жал, имаме сожители кои се уште велат дека не знаат за што се работи! Тоа не е точно! Знаат! Доволно знаат! Но полесно им е да тврдат дека не знаат. Затоа што се срамат да кажат дека знаат а не мрднуваат со малиот прст поради разни причини. Мислат дека некој друг ќе им ја заврши работата. Мислат дека некој друг ќе им ги спаси децата. А, всушност, со нивната пасивност, сите нас не доведуваат во опасност. Струмичко не било во таква опасност уште од времето на втората светска војна.

Бескрупулозните профитери и нивните домашни слуги се гладни за пари. Сто илјади луѓе не се ништо во светски рамки. Никој нема ни да ги забележи нашите маќи. Но проблемот е што овој пат ние сме во прашање. Нашите деца се во прашање! Нашите поколенија се во прашање!

Ние немаме друг избор!
Ние мораме да се бориме!
Струмичката котлина нема да ја дадеме!
Струмица нема да биде рударски град!

Секој од вас, без разлика на партиска, верска или било каква друга припадност, ве покануваме на плоштадот во Струмица од каде што ќе почне протестниот марш.
16. 6 (Сабота) во 5 до 12 часот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ