ЗА МНОГУ ГОДИНИ: ДЕНЕС СТРУМИЧАНИ СО ПОСЕТА НА ЦРКВАТА „СВ КУЗМАН И ДАМЈАН“ ГО ОДБЕЛЕЖУВААТ ИСТОИМЕНИОТ ПРАЗНИК!

јули 14, 2019

Денес струмичани, со посета на црквата „Св. Кузман и Дамјан“ , го одбележуваат истоимениот празник, посветен на двајцата лекари – чудотворци.

Црквата е лоцирана во стариот дел од градот, па тесните улички во текот на годините честопати се затвараат за возила и овозможуваат непречено движење на многубројните верници. Сместена во близина на живописното зеленило, оваа црква мами посетители не само денес, ами во текот на целата година

Забележливо е шаренилото од тезги за накит, облека и детски играчки, кои дополнително ја разубавуваат атмосферата, покрај веќе познатото свежо ветре карактеристично за овој дел од градот. Оние кои ја посетуваат црквата, традиционално ги посетуваат и домовите на своите пријатели и познаници, така што, со текот на годините, овој празник започнал да се нарекува и „саир“ или општа слава во домовите кои се наоѓаат во близина на црквата.

Знаат ли струмичани што всушност празнуваат? Да дознаеме малку повеќе за биографијата на двајцата браќа маченици во чија чест е изградена оваа црква, која се наоѓа во состав на струмичката епархија.

Светите Козма и Дамјан уште ги нарекуваат и лекари, бесребреници и чудотворци. Овие двајца светители се родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имале голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не барале никаква награда, од болниот барале единствено да поверува во Господ Исус Христос. Наследиле голем имот, но го раздале милостиво на бедните и неволните.

Во текот на нивниот земен живот честопати ќе бидат принудувани да надминуваат големи пречки и замки, поставени од заговорниците. Така, царот Карин, кој живеее во тоа време, ќе ги затвори во зандана и ќе рече дека нема да ги пушти се додека не се одречат од Исус Христос. Двајцата браќа му одговориле дека не само што нема да се откажат од сопствената вера, туку дека ќе направат и самиот цар да стане верник. Кога сите прашале како, двајцата браќа го излекувале царот од подмолна болест од која страдал со години. По ова, царот станува посветен христијанин и ги наградува богато. Спечаленото, двајцата браќа веднаш ќе го споделат со бедните.

Им позавидол на славата еден лекар, којшто некогаш им бил учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однел в планина, каде ги убил со камења.

„Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост. “ – стои во православниот календар.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ