Македонската песна заслужува да се слуша, да се негува и да се пренесува на идните генерации. Токму со таа цел, порталот „Струмица Денес“ започнува нов музички серијал под наслов „СТРУМИЧКАТА ЕСТРАДА ПЕЕ ЗА МАКЕДОНИЈА“, посветен на промоцијата на македонската музика и талентираните пејачи од Струмица.
Во рамките на серијалот, струмичките музички изведувачи ќе имаат можност да се претстават пред јавноста со изведба на македонска песна по сопствен избор, преку кратки видеоснимки во времетраење до две минути.
Без големи сцени, специјални подготовки и сложена продукција, доволни се добар глас, љубов кон музиката и желба да се испее македонска песна. Изведбите можат да бидат снимени со мобилен телефон, самостојно или со инструментална придружба.
Идејата е едноставна, но значајна, струмичките гласови да допрат до цела Македонија, а македонската песна да го добие вниманието што го заслужува.
Преку овој серијал, „Струмица Денес“ ќе им отстапи медиумски простор на струмичките пејачи, со цел да се промовираат нивниот талент, музичката традиција и македонската музика.
Сите струмички пејачи кои сакаат да бидат дел од оваа музичка приказна можат да испратат видео преку Вибер на телефонскиот број 071 258 511.
Во недела започнуваат првите музички изведби!





















