Убави вести за струмичкиот спорт пристигнуваат од Скопје, каде што се одржува Европското првенство во кик бокс. Струмичанецот Петре Велков обезбеди пласман во полуфиналето и со тоа си гарантираше најмалку бронзен медал на европскиот шампионат.
Велков настапува во дисциплината лоу кик, во категоријата до 67 килограми, а до значајниот успех стигна по убедливата победа од 3:0 против Ерик Гартнер од Словенија.
Следниот предизвик за струмичкиот кикбоксер е полуфиналната пресметка против Серхи Руснак од Украина, во која ќе се бори за пласман во големото финале и можност да се закити со европско злато.
Со досегашниот настап, Велков веќе обезбеди место меѓу најдобрите во својата категорија, носејќи уште еден значаен спортски успех за Струмица.
Натпреварите на Европското првенство продолжуваат, а пред струмичкиот борец претстои една од најважните борби на шампионатот.























