Голем меѓународен успех за младиот струмички шахист Јован Вукашиновиќ, ученик во VI-б одделение во ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица, кој постигна извонреден резултат на престижниот меѓународен шаховски турнир „Трофеј на Врњачка Бања 2026“, одржан на 8 ноември во Србија.
Јован го освои првото место во категоријата шахисти со рејтинг до 1850 поени, покажувајќи исклучителна шаховска подготвеност, концентрација и стратегиско размислување.
За големината на овој успех говори и силната меѓународна конкуренција. На турнирот учествуваа дури 293 шахисти од 40 држави, меѓу кои 19 велемајстори, 29 интермајстори и повеќе од 50 фидемајстори.
Особено впечатлив е фактот што младиот струмичанец во текот на натпреварувањето успеал да забележи победи против двајца фидемајстори и двајца интермајстори, шахисти со меѓународни титули и значително искуство.
Овој резултат претставува големо лично достигнување за Јован, но и повод за гордост за неговото училиште и за Струмица.
Со својот талент, посветеност и постигнатите резултати, Јован Вукашиновиќ покажува дека младите шаховски надежи од Струмица имаат потенцијал успешно да се натпреваруваат и на силната меѓународна шаховска сцена.
Големи честитки за младиот Јован, со желби за уште многу победи и меѓународни признанија!























