strumica denes logo

МИЦКОСКИ: Да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот

Автор:

Датум:

октомври 27, 2026

Автор:

Датум:

октомври 27, 2026

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека целта на Владата е создавање економија чиј раст ќе го чувствуваат граѓаните, со повеќе инвестиции, квалитетни и добро платени работни места и подобри услови за работниците. Во обраќањето по повод потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, тој најави реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите и зајакнување на инспекцискиот надзор.

„Нашата цел е јасна: да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека Македонија се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на компаниите.

„Ние сакаме економија која расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните. Сакаме повеќе инвестиции, но инвестиции кои создаваат квалитетни и доброплатени работни места“, рече премиерот.

Според него, успешните компании и задоволните работници се меѓусебно поврзани цели, поради што владините политики се насочени кон зголемување на продуктивноста, развој на нови вештини, подобрување на работните услови и отворање нови можности за вработување.

Мицкоски нагласи дека особено внимание се посветува на младите и на создавањето услови тие да ја градат својата иднина во Македонија.

„Не сакаме младите својата иднина да ја гледаат единствено надвор од својата татковина. Сакаме тука да ја добијат својата прва шанса, тука да градат кариера, тука да создаваат семејства и тука да ги остваруваат своите амбиции“, истакна тој.

Премиерот се осврна и на потребата од поголемо економско зајакнување на жените, нивно поголемо учество на пазарот на трудот и обезбедување еднакви можности за професионален развој.

Говорејќи за соработката со Меѓународната организација на трудот, Мицкоски рече дека новата програма претставува продолжување на долгогодишното партнерство во областите на работничките права, минималната плата, вработувањето на младите и социјалниот дијалог.

Тој најави дека во следниот период фокусот ќе биде ставен на реформите во трудовото законодавство, модернизацијата на институциите, зајакнувањето на инспекцискиот надзор, развојот на вештините и подобрувањето на конкурентноста на претпријатијата.

„Законите се важни. Програмите се важни. Меморандумите се важни. Но најважно е граѓаните да ги почувствуваат резултатите од нив“, нагласи Мицкоски.

Премиерот порача дека потпишувањето на програмата е само почеток, а вистинската обврска следува со нејзиното спроведување.

„Достоинствениот труд не е привилегија. Тој е право. А достоинствениот живот не смее да биде недостижна желба. Тој мора да биде реалност, реална можност за секој наш граѓанин“, порача Мицкоски.