Пожарот на депонијата во село Еднокуќево предизвика ширење чад и непријатна миризба, кои од вчера попладне, во текот на ноќта и утринава се чувствуваат и во околината на Струмица.
Екипите на Територијалната противпожарна единица – Струмица вчера интервенирале двапати, во попладневните и во ноќните часови. Од рано утринава пожарникарите-спасители повторно се на терен, каде што продолжуваат со активности за локализирање и гаснење на пожарот.
Според информациите од градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, во текот на денешниот ден се очекува да започне расчистување и потрупување на депонијата со соодветна механизација. Овие активности треба да помогнат во справувањето со пожарот и да го намалат ризикот од повторно разгорување.
Покрај опасноста од ширење на огнот, ваквите пожари предизвикуваат и загадување на воздухот, а чадот и непријатната миризба ги погодуваат околните населени места. Дополнителен проблем претставува тлеењето во подлабоките слоеви на отпадот, поради што огнот може повторно да се активира и по гаснењето на видливиот пламен, што го отежнува целосното справување со пожарот.
























