strumica denes logo

СЕ ВРАЌААТ „ВОСПИТНИТЕ“ ВО УЧИЛИШТАТА ВО ДАНСКА – НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ МОЖАТ ФИЗИЧКИ ДА ИНТЕРВЕНИРААТ ПРОТИВ УЧЕНИЦИТЕ КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НАСИЛНО!

Автор:

Датум:

октомври 16, 2026

Автор:

Датум:

октомври 16, 2026

Данската влада предложи законски измени со кои наставниците ќе добијат поголеми овластувања за физичка интервенција во ситуации кога учениците со своето однесување ја загрозуваат безбедноста или сериозно го нарушуваат одвивањето на наставата.

Предлог-законот, доставен до данскиот парламент на 8 октомври, предвидува наставниците да можат физички да интервенираат доколку ученикот претставува опасност за себе или за другите, се однесува насилно, уништува училишен инвентар или сериозно го попречува учењето на останатите ученици.

Во одредени ситуации, наставниците би можеле физички да го задржат ученикот или да го отстранат од училницата, но само доколку проблемот не може да се реши со разговор или со други поблаги мерки.

Сепак, новите правила не значат враќање на телесното казнување, кое во данските училишта е забрането од 1967 година. Удирањето и физичкото казнување на децата и понатаму остануваат забранети.

Според предложените измени, физичката сила ќе смее да се користи исклучиво како последна мерка, на пропорционален начин и во најкраток можен период. Предвидени се и правила за евидентирање на интервенциите и известување на родителите.

Предлогот доаѓа во време на засилена дебата во Данска за насилството, недисциплината и проблемите со кои наставниците се соочуваат при одржувањето на редот во училниците.

Поддржувачите сметаат дека наставниците мора да имаат јасни овластувања за да ги заштитат учениците и да обезбедат нормално одвивање на наставата, додека критичарите предупредуваат на можни злоупотреби и повреда на детските права.

Предлог-законот допрва треба да ја помине парламентарната процедура, а неговото прво разгледување е закажано за 10 ноември 2026 година.