Македонија загуби еден од своите најпосветени истражувачи и чувари на народното творештво. Почина струмичанецот Иван Котев, истакнат фолклорист, педагог и автор, кој со децении остави неизбришлива трага во проучувањето, собирањето и афирмацијата на македонското фолклорно богатство.
Иван Котев е роден во 1939 година во струмичкото село Робово. По завршувањето на основното и средното образование, својот работен век го посветува на просветата. Работел како учител и наставник во повеќе училишта во Струмичко, а најголемиот дел од својата професионална кариера го поминал во Основното училиште во Дабиље, каде што цели 25 години ја извршувал функцијата директор. Постојано се усовршувал и своето образование го надградувал на Педагошката академија во Штип и на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Неговата животна мисија започнала во 1969 година, кога се вклучил во мрежата на надворешни соработници на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје. Веќе на почетокот на 1970 година ги направил своите први теренски аудио-снимки на автентичен фолклорен материјал, со што започнала една повеќедецениска и плодна истражувачка работа.
Покрај собирањето на народни песни, обичаи, преданија и други фолклорни записи, Котев бил и нивен внимателен толкувач и проучувач. Учествувал на бројни научни собири и конгреси, а неговиот прв научен труд бил посветен на сурварските обичаи во неколку струмички села.
Во текот на својата богата творечка кариера објавил петнаесетина книги, со кои дал огромен придонес во зачувувањето на македонската народна традиција. Меѓу нив се издвојува книгата „Черешница род родила“, како и други дела што претставуваат значаен извор за македонската етнологија и фолклористика.
Со заминувањето на Иван Котев, Македонија останува без човек кој целиот свој живот го посвети на зачувувањето на народната меморија, традицијата и духовното наследство. Неговото дело ќе продолжи да живее како трајно сведоштво за богатството на македонскиот фолклор и како инспирација за идните генерации истражувачи.
Вечна му слава.




















