Говорејќи за време на посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Охрид, Мицкоски порача дека Владата е подготвена да плати каква било цена, но нема да дозволи нови отстапки поврзани со националниот идентитет.
„За жал, сè додека билатералните спорови и таканаречениот булинг кон нас од одредени земји членки, односно во овој случај од една земја членка, претставуваат пречка да бидеме дел од тоа семејство, тоа што одамна сме го заслужиле ќе продолжи да се оддалечува. Но ние не губиме надеж и енергија. Напротив, ќе продолжиме силно да работиме и очекуваме да ја добиеме таа шанса да бидеме дел од тоа семејство“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека повеќе нема простор за нови идентитетски компромиси.
„Нема повеќе можност за идентитетски отстапки, нема повеќе чекори назад кога станува збор за нашите национални определби. Каква било цена да треба да платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати“, додаде премиерот.
Мицкоски изјави дека Северна Македонија според оценките на Европската комисија моментално е меѓу најуспешните држави во регионот и очекува најголем дел од средствата за Западен Балкан да завршат во македонскиот буџет.
Тој повтори дека државата одамна го заслужила членството во Европската Унија, но процесот дополнително бил отежнат од претходната власт со прифаќање услови кои, според него, не биле во интерес на државата.
Премиерот информираше и дека Акцискиот план за малцинствата е подготвен и оти се очекува зелено светло од Брисел за да влезе во официјална владина процедура.






















