Македонската одбојка добива ново име за кое допрва ќе се слуша, а тоа е младата и исклучително талентирана Вања Бабулов, која и покрај својата возраст веќе гради импресивна спортска приказна.
Родена на 8 јули 2012 година, Вања Бабулов потекнува од спортско семејство во кое одбојката се негува низ три генерации, па љубовта кон овој спорт кај неа доаѓа сосема природно. Со висина од 178 сантиметри и со впечатливи физички предиспозиции, таа уште од најрана возраст го покажува својот потенцијал на одбојкарските терени.
Своите први чекори во одбојката ги прави на само седумгодишна возраст, кога започнува да ги совладува основите на спортот. Од самиот почеток е дел од Одбојкарскиот клуб Наковски Волеј, клуб кој важи за еден од најуспешните во македонската одбојка.
Нејзиниот напредок бил брз и забележителен. На само 12 години Вања станува стандарден првотимец во пионерската категорија, каде што заедно со својот тим ја освојува шампионската титула во сезоната 2024/2025. Истовремено, настапува и за кадетската екипа, со која освојува бронзен медал.
Во сезоната 2025/2026, иако има само 13 години, Бабулов настапува во сите категории на клубот, што само по себе претставува големо признание за нејзиниот квалитет. Со кадетската екипа неодамна ја освојува титулата шампион на Македонија, при што се истакнува со одлична игра во нападот и сигурност во блокот. Во моментов, младата одбојкарка ја очекува и настап во полуфиналето во пионерска конкуренција.
Нејзиниот талент не останал незабележан ниту кај сениорскиот тим. Иако има само 13 години, Вања веќе се наоѓа на списокот на сениорскиот состав на ОК Наковски Волеј, како дел од екипата која сезонава го освои сребрениот медал во Купот на Македонија и титулата вицешампион на Македонија.
Со вакво темпо на развој, Вања Бабулов несомнено претставува едно од најперспективните имиња во македонската одбојка и спортистка од која јавноста со право очекува уште многу успеси.





















