Општина Струмица продолжува со активности насочени кон уредување на јавниот простор и создавање функционална и праведна средина за граѓаните и стопанството. По иницијатива на градоначалникот Петар Јанков, денеска се одржа работна конференција на Локалниот совет за превенција.
На конференцијата присуствуваа претставници на општински и државни институции надлежни за угостителската и трговската дејност, како и трговци, угостители, советници и претставници на политички партии.
Главна тема на состанокот беше поставувањето урбана опрема на јавни површини за вршење угостителска и трговска дејност надвор од деловните објекти. Како што беше истакнато, најголем број забелешки од граѓаните и институциите се однесуваат на состојбата во централното градско подрачје.
Со цел подобрување на условите, предвидени се корекции на одредени локации, со што ќе се овозможи непречено користење на јавниот простор од страна на граѓаните, а воедно и нормално функционирање на угостителите и трговците.
Една од новините е уредувањето на дел од улицата „Благој Јанков Мучето“, каде е планирано формирање зелен појас од еден метар помеѓу шеталиштето и угостителските објекти.
Дополнително, од Секторот за урбанизам ќе се формира комисија која на терен ќе ја проверува состојбата согласно доставените елаборати, со цел утврдување дали се исполнети условите за користење на јавните површини.
По извршената проверка, ќе се доставува барање до даночното одделение за проверка дали апликантите имаат подмирени обврски кон општината. Доколку се исполнети сите услови, ќе се издава решение за плаќање на надоместок, по што ќе следува и одобрение за користење на јавните површини.
Со овие мерки, Општина Струмица има за цел да воспостави ред, поголема контрола и подобра организација на јавниот простор во интерес на сите граѓани.



























