Премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење што, како што рече, СДСМ и Венко Филипче ги напаѓаат пензионерите и нивните покачени пензии, оценувајќи дека тоа не е добра тема за политичка пресметка.
Одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, Мицкоски нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на пензионерите, но и на сите работници и граѓани.
– Ќе продолжиме да работиме во интересот на пензионерите, исто како што ќе продолжиме да работиме и во интересот на сите работници. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти. Дали е доволно? Не. Дали треба повеќе? Да. Но тоа се реалните можности на македонската економија во овој момент – рече премиерот.
Тој додаде дека Владата постигнала договори со синдикатите во повеќе сектори, меѓу кои образованието, внатрешните работи, одбраната и здравството, како и со УПОЗ и САДУ, со цел да се обезбеди предвидлив раст на примањата до 2028 година, до кога, како што истакна, Владата има мандат од граѓаните.




























