strumica denes logo

ЗАПОЧНА ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ – ВО ТЕКОТ НА ПОСТОТ НЕ СЕ ПРАВАТ СВАДБИ, НИТУ СЕ ДОЗВОЛУВА ВЕНЧАЊЕ!

Автор:

Датум:

февруари 23, 2026

Автор:

Датум:

февруари 23, 2026

а православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 12 април.

Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:

Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за празникот. Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение. Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха. Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден. Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2). Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости. Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:

1. Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.

2. Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.

А Велигден е празник на Воскресението и на Животот. Нова Пасха. Премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста.

Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.