Во организација на здружението „Мјузик Конектс Пипл“ и здружение „Вера“ од Струмица, во петок, 13.02.2026 година, на Градскиот плоштад ќе се одржи настан со силна порака за единство, прифаќање и заедништво.
Како што информираат организаторите, настанот започнува во 12:00 часот, а централниот момент ќе биде реализацијата на симболичната и, како што најавуваат, најголемата „гушка“ – голема групна прегратка во која граѓаните и младите од Струмица и околината ќе испратат порака дека сите се исти, дека љубовта ги сплотува, и дека заедно се посилни.
Од здруженијата посочуваат дека настанот е отворен за сите, без разлика дали доаѓаат со друштво или сами, нагласувајќи дека токму оваа иницијатива има за цел да создаде чувство на припадност, поддршка и топлина, каде секој може да најде пријатели и позитивна енергија.
Организаторите упатуваат покана до јавноста да се приклучи, да ја поддржи идејата и да ја сподели информацијата, со цел пораката за љубов и единство да стигне до што повеќе луѓе.
























