Денеска православниот свет и верниците во Струмица и цела Македонија го слават големиот празник Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Ова е денот кога малата Марија, идната Мајка Божја, зачекори во Храмот и го започна својот свет пат!
Според преданието, кога Пресвета Дева Марија наполнила само три години, нејзините свети родители Јоаким и Ана го исполниле своето ветување дадено пред Бога. Ја зеле својата ќерка од Назарет и ја повеле во Ерусалим. Иако патот траел цели три дена, тие оделе со леснотија, бидејќи вршеле богоугодно дело!
СВЕЧЕНА ПОВОРКА И АНГЕЛИ БОЖЈИ
Тоа не било обично патување! Се собрале многу роднини и пријатели, а невидливо ги придружувале и Ангелите Божји. Напред оделе девици со запалени свеќи, а зад нив малата Марија, облечена во царска облека, како што и доликува на Невеста Божја.
ЧУДО ПРЕД ХРАМОТ: САМА ГИ ИСКАЧИЛА СКАЛИТЕ!
Пред самиот храм имало 15 високи скалила. Родителите ја поставиле на првото, а тогаш се случило чудо – тригодишното девојче само, брзо и без ничија помош се искачило до самиот врв!
Таму ја пречекал првосвештеникот Захарија (таткото на Свети Јован Крстител). Во тој момент, воден од Светиот Дух, Захарија направил нешто нечуено – ја вовел малата Марија не само во црквата, туку во „Светињата на Светињите“!
Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“, бидејќи во тој најсвет дел од храмот не влегувал никој, освен архијерејот и тоа само еднаш годишно!
ПРВАТА ЗАВЕТУВАНА ДЕВОЈКА ВО ИСТОРИЈАТА
Богородица останала во храмот цели 9 години. Дури и кога останала сираче без родителите, таа одбивала да го напушти храмот и да стапи во брак, сакајќи вечно да му служи на Бога. Бидејќи тоа било спротивно на тогашните закони, на 12 години ја дале на нејзиниот роднина Јосиф, за привидно да го задоволи законот, но да остане во девственост.
Таа е првата девојка во историјата која доживотно се заветувала на Бога, станувајќи пример за сите монахињи и девственици по неа.
НЕКА Е ЗА МНОГУ ГОДИНИ И НА ПОМОШ!
Денеска палете свеќи и помолете се за здравје и спасение. Нека Пресвета Богородица ги чува сите струмички семејства!























