Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, учествуваше на Самитот за проширување на Европската унија што се одржа во Брисел, во организација на „Еуроњуз“. Во своето обраќање, премиерот говореше за почетоците и текот на европскиот пат на Македонија – процес што трае повеќе од 25 години.
Мицкоски потсети дека и по повеќе од две децении земјата сè уште се наоѓа на истата стартна линија, не поради неисполнување на Копенхашките критериуми, туку и покрај бројните отстапки што Македонија ги направи во изминатиот период – од промена на Уставот и уставното име, до менување на државното знаме и низа други чекори во насока на приближување кон европското семејство.
„Нашето убедување останува исто – местото на Македонија е во Европската унија. Тој пат ќе продолжиме да го чекориме, но пред сè мораме да си ја завршиме домашната задача – да обезбедиме подобар животен стандард, посилна економија и перспективи што ќе им служат на нашите граѓани,“ истакна премиерот Мицкоски.
Со своето обраќање, тој испрати порака дека Македонија останува посветена на европската агенда, но со јасен фокус на реформите и напредокот во интерес на сите нејзини граѓани.























