Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе започне серија анализи на работата на судии и обвинители, со цел да се утврди дали ги заслужуваат своите плати и дали постапуваат според законите.
„Ќе почнеме серијал на случаи за тоа како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Јавноста нека процени дали тие ги заслужуваат своите плати, наместо да ги користат своите позиции за заштита на корупцијата во државата“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека станува збор за мал број судии и обвинители, кои според него, ја штителе криминалната активност на претходната влада. „Правдата е неизбежна. После локалните избори ќе ги искористиме сите правни механизми за да обезбедиме обвинители кои обвинуваат и судии кои судат според закон и устав“, додаде Мицкоски.
Невладините организации предупредуваат дека ваквите изјави можат да се толкуваат како упад во независноста на правосудството. Дарако Аврамовски од Коалицијата за правично судење истакна дека молкот на судската власт за ваквите напади ја загрозува довербата на јавноста.
Мицкоски најави дека законите за судовите и јавното обвинителство ќе бидат донесени до крајот на годината, а пред зголемувањето на буџетите ќе се спроведе споредбена анализа со пет земји членки на Европската унија.























