Земјоделските производи ќе имаат повисока цена во маркетите, но на месечна основа, имаме конечно намалување после неколку години, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Производите ќе бидат поскапи во маркетите, но на месечна основа, во август во споредба со јули, за првпат храната е намалена, -0,7 проценти на месечна основа и очекувам тој тренд да продолжи. Ние преку Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренцијата вршиме инспекциски надзор, ги следиме движењата и убеден сум дека такво однесување кај ланците маркети во следниот период ќе биде сведено на минимум“, рече Мицкоски.
Вели дека сега, земјоделците заработуваат повеќе.
„Бенефитот го добиваат земјоделците – трошоците за инпут во создавањето на земјоделските производи е зголемен за 2 проценти, а аутпутот за повеќе од 12-13 проценти. Тој производ или го продаваат директно на маркетите или на трговците. Порано, состојбата со аутпутот била негативна, затоа што некои одредени политички елити во соработка со трговци, свесно ја држеле ниска цената во аутпутот и работеле по принципот пола со пола“, посочи Мицкоски.