Владата на Шведска најави дека ќе воведе забрана за користење мобилни телефони во сите училишта и во продолжениот престој, почнувајќи од есента 2026 година, со цел подобрување на безбедноста на учениците и условите за учење.
Според најавените мерки, училиштата ќе бидат обврзани да им ги собираат телефоните на учениците на почетокот од денот и да ги задржуваат до завршувањето на наставата. Мерката ќе се однесува на деца од 7 до 16 години.
Забраната е дел од поширокиот пакет-реформи што го претстави владата, а кој вклучува и промени во наставната програма, системот на оценување и обуки на наставниците.
– Ова што денес го претставуваме е историска инвестиција во образованието и најголема реформа во последните 30 години – изјави министерката за образование и школство Симона Мохамсон.
Предлог-буџетот, кој владата ќе го достави до парламентот следната недела, предвидува да се издвојат 95 милиони шведски круни (околу 8,7 милиони евра) за спроведување на забраната во 2026 година.
Иако поголемиот дел од училиштата во Шведска веќе ги земаат телефоните на почетокот од училишниот ден, властите посочуваат дека учениците наоѓале начини да ја заобиколат забраната, предавајќи лажни телефони или тврдејќи дека го заборавиле телефонот или дека е расипан.
– Ова треба да важи за сите училници во Шведска. Се однесува на секој млад човек и не е доброволно – изјави Мохамсон.
Слични мерки се најавени и во други европски земји.
Данска годинава донесе одлука да ги забрани мобилните телефони во училиштата и продолжениот престој по препорака на владина комисија.
Норвешка минатата година воведе минимална возрасна граница од 15 години за користење социјални мрежи.
Во Холандија, од јануари 2024 година во сила се национални насоки кои препорачуваат забрана на паметните телефони во училниците, која речиси сите училишта ја прифатија.
Истражувањата покажаа дека учениците имаат поголема концентрација, а 28 отсто од училиштата пријавиле подобрување на училишните резултати.