Ѓорги Танушев, советник во Советот на општина Струмица од „Стига Е“ :
Почитувани сограѓани,
Со чест и одговорност ве известувам дека по втор пат ќе бидам носител на независната советничка листа во општина Струмица на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Денес и официјално го добив решението за потврда на листата, со што граѓанската платформа „Стига Е“, поддржана од вас и од активистите на еколошките здруженија „Здрава Котлина“ и „Еко Долина“, повторно ќе учествува на изборите.
Бидејќи не сме политичка партија, немаме привилегии како нив. На гласачкото ливче нашата листа ќе биде заведена како „Група избирачи – Ѓорги Танушев“, но ќе го носи симболот на „Стига Е“.
Нашата борба е за здрава и безбедна животна средина, заштита на воздухот, водата и земјоделското земјиште, одржлив развој и подобар квалитет на живот. Се спротивставуваме на отворање рудници и штетни индустриски проекти и бараме транспарентни институции со отчетно носење одлуки.
Главни приоритети ни се институционалното делување во областа на екологијата и комуналните услуги, блокирање на рударските концесии, спротивставување на корупцијата и заштита на јавниот интерес. Целта ни е граѓанската енергија да ја претвориме во институционално влијание во Советот, каде одлуките ќе бидат независни, ослободени од партиски и бизнис-притисоци.
Струмица денес е еден од најзагадените градови во Македонија, но и град со огромен потенцијал. Ако донесуваме здрави и слободни одлуки, можеме да ја изградиме во вистинско место за квалитетен живот.
Советничката листа е составена врз принципи на вистинска репрезентативност: една третина од кандидатите се од рурални средини и рамномерно се застапени на секое трето место, обезбедена е мултиетничка структура, учество на жени согласно законските одредби, како и избалансирана старосна и професионална поставеност.
Меѓу кандидатите има работници, учители, земјоделци, доктори, уметници, ИТ професионалци, бизнисмени и пензионери. Сите имаат свој придонес кон екологијата, а низ годините ни се придружија многу пријатели и активисти кои се ценети во борбата за подобар живот во Струмичката котлина.
Ние сме единствената независна советничка листа во Струмица. И по укинувањето на пречките за независните кандидати, останавме доследни и неподложни на партиски влијанија. Целта ни е да освоиме доволно мандати за Советот да добие вистинска независна контрола врз градоначалникот и администрацијата.
Ќе се залагаме за чиста вода, здрава храна, зелени површини, модерна инфраструктура, ефикасно управување со отпадот, поддршка на земјоделството и развој на незагадувачка индустрија.
Одлуките во Советот ќе ги носиме врз принципи на неутралност, поддршка на доброто, отфрлање на лошото и целосна транспарентност.
Јасно кажуваме: немаме и нема да имаме никакви предизборни или постизборни коалиции со партии.
Нашата единствена цел е заштита на јавниот интерес и изградба на независни и чесни институции.
СТРУМИЦА МОЖЕ И МОРА!