strumica denes logo

ОД ВМРО-ДПМНЕ ВЕЛАТ: СЛЕДУВА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО!

Автор:

Датум:

септември 1, 2025

Автор:

Датум:

септември 1, 2025

На почетокот на новата учебна 2025/2026 година, надлежните институции информираа дека наставниот процес стартува со обезбедени услови за сите ученици и наставници. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека за првпат по седум години во училиштата се доставени и учебници по странски јазици, со што целосно е покриен наставниот материјал за сите паралелки.

Во изминатиот период, во образовната инфраструктура се вложени 67 милиони евра – пари наменети за изградба на нови училишта, спортски сали и реконструкција на веќе постоечките објекти. Дел од училиштата добија современа информатичка опрема и безбедно интернет поврзување, што според Министерството ќе овозможи подобри услови за дигитална настава.

Новина во наставата претставува и интегрирањето на вештачката интелигенција во образовниот процес. Подготвени се упатства за тоа како наставниците и учениците етички да ја применуваат оваа технологија.

Поддршката за учениците со посебни потреби е значително засилена. Во средното образование се вработени 130 образовни асистенти, а во основните училишта повеќе од 1.300. Воведена е и можноста за формално образование за децата кои поради болест подолго време се наоѓаат во болнички услови, со цел тие да не го прекинуваат наставниот процес.

Покрај тоа, во употреба е пуштен и нов електронски дневник, кој, како што се наведува, е далеку пофункционален и посовремен од претходното решение.

Во однос на наставниот кадар, Владата посочува дека веќе е реализирано покачување на платите од над 12 отсто, а во март 2026 година ќе следува ново зголемување меѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од инфлацијата.

Поддршката за учениците се огледува и преку зголемениот број на стипендии, како и покривањето на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади.

За оваа година буџетот за образование изнесува речиси 40 милијарди денари, што претставува зголемување за 6 милијарди во однос на минатата година. Владата нагласува дека со овие инвестиции го надминува застојот од претходниот период и го насочува образовниот систем кон глобалните стандарди и трендови.