По пријава од граѓани за несоодветно истурање на смет на јавна површина од страна на вработен во Јавното претпријатие, институцијата соопшти дека веднаш е покрената дисциплинска постапка за непочитување на работните задачи.
Од претпријатието информираат дека во текот на денешниот ден е започнато чистење на дивата депонија каде што е истурен отпадот, а ваквите случаи, како што наведуваат, ќе бидат најстрого санкционирани.
„Ги охрабруваме граѓаните секое несоодветно однесување и депонирање на отпад од било кого да го фотографираат и да го пријават на бројот 13 110, со цел ние или комуналните инспекциски служби навремено да постапиме,“ стои во соопштението.
Од ЈП потенцираат дека спречувањето на создавање диви депонии е врвен приоритет и дека ќе се вложат сите можни напори и средства за нивно трајно отстранување.