Членот на Извршниот одбор на партијата ЗНАМ, Александар Илиев, најави дека оваа политичка опција ќе настапи со сопствена советничка листа во Општина Струмица на претстојните локални избори.
Илиев истакна дека составот на листата е во завршна фаза и дека во неа ќе се најдат млади, амбициозни, но и искусни личности кои, како што вели, веќе оставиле белег во заедницата. „ЗНАМ ќе покаже дека со квалитет и визија може да биде клучен фактор во идната локална власт, носејќи програма што ќе ја наметне како сериозна политичка сила“, нагласи тој.
Според него, анкетите спроведени во мај 2025 година покажуваат дека двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во Струмица имаат поддршка под 35 проценти. „Токму тие резултати укажуваат дека ЗНАМ може да биде решавачкиот фактор за создавање стабилно мнозинство во Советот на Општината,“ рече Илиев.
Тој дополни дека во тек е подготовка на програмата, која ќе содржи низа проекти предложени од самите граѓани, со цел подобрување на секојдневниот живот и создавање нови можности за развој на општината.