Македонија влегува во нов топлотен бран кој, според метеоролозите, ќе биде еден од најинтензивните досега ова лето. Веќе од утре се очекува значителен пораст на дневните температури, кои на одделни места низ земјата ќе го надминат и прагот од 40°C.
Најтопло ќе биде во југоисточниот и централниот дел на државата, каде температурите ќе се движат од 38 до 42 степени Целзиусови, особено во периодот од понеделник до среда. УХМР веќе издаде портокалово предупредување, а не се исклучува можноста за активирање и на црвена фаза, доколку трендот на пораст продолжи.
Граѓаните се повикуваат на претпазливост, особено повозрасните лица, хронично болните, бремените жени и малите деца. Се препорачува избегнување директна изложеност на сонце во периодот од 11 до 17 часот, внесување повеќе течности, лесна облека и престој во климатизирани простории.
Надлежните институции апелираат до јавноста сериозно да ги сфати предупредувањата и да се придржува до препораките со цел заштита на здравјето.