Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, оствари посета во рамките на културниот проект „Посета на музејот“, по повод одбележувањето на Разловечкото востание – еден од првите организирани обиди за национално ослободување на македонскиот народ.
Во дворот на црквата „Св. Константин и Елена“, Мицкоски положи цвеќе во знак на почит кон борците од востанието, по што присуствуваше на Панихида во чест на настанот кој се случил во мај 1876 година.
„Денес стоиме исправени пред времето и историјата, пред споменот на храбрите од Разловци – првите што повикаа на слобода, достоинство и национално будење,“ истакна премиерот.
Тој потсети дека, иако востанието било задушено, неговиот оган продолжил да гори и се прелеал во Илинден, Народноослободителната борба и независноста на современата македонска држава.
„Нè научија дека подобро еден ден слободен, отколку целиот живот во ропство,“ рече Мицкоски, нагласувајќи дека денешната борба е насочена против заборавот, разединетоста, иселувањето, корупцијата и нападите врз националниот идентитет.
„Должни сме, како хероите од Разловци, да не се предадеме, да не молчиме и да не се двоумиме кога е време за дело. Да ја чуваме Македонија не само на мапа, туку и во срцето“, порача премиерот.
Со оваа посета, Владата испраќа порака за значењето на националната меморија и обврската кон иднината.