Вчера, во близина на селото Габрово, познато по својата природна убавина и Габровските водопади, беше отворена хациендата Лоуисандро – првиот агротуристички сместувачки капацитет во југоисточна Македонија.
Станува збор за визија реализирана од струмичанецот Васко Коциров, кој по повеќе од две децении работа во Холандија, се врати во родниот крај со идеја да ја поттикне руралната ренесанса преку агротуризам.
На отворањето присуствуваа и првите туристи од Холандија, како и амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија, Н.Е. Узлем Џанел. Гостите заедно со домаќините прошетаа низ селото и уживаа во содржините на хациендата, која располага со 7 соби, простор за релаксација и понуда на здрава, домашна храна од сопствено производство.
Со оваа иницијатива започнува нова страница во развојот на туризмот во Струмица, со цел да се оживеат руралните средини и да се привлечат домашни и странски посетители преку уникатни доживувања и поврзување со природата.